Зоран Заев, како премиер, се мешал во одлуки на судската власт, обвини Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција, пуштајќи аудио-снимка на која се слуша гласот на Заев.
Милошоски рече дека снимката ја добил од укажувач, кој во писмото му пишал дека таа упатува на сериозни индиции за кривична одговорност.

„Господинот Заев, како премиер, во присуство на други нему познати лица, дава експлицитно јавен исказ дека тој договарал одлуки со Врховниот суд. Тоа е флагрантно мешање на извршната во судската власт и кршење на многу членови во Кривичниот законик. Од самиот материјал може да се види дека цело време бил во тесна и блиска соработка со Јанева, која очигледно е дека без него не можела да одлучува или да постапува самоволно и затоа може лесно да се заклучи дека Заев и Јанева биле во тесна координација и за ‘Рекет’. Третата работа, јасно посочува зошто му се брзаше да се донесе законот за јавно обвинителство односно за да не важат понатаму во иднина нелегално стекнати материјали кои може да бидат докази во некоја идна постапка“,
рече Милошоски, презентирајќи ја снимката.
Тој ја објави снимката со паралелно презентирање транскрипт на видео-бимот во партиското седиште. Првично Милошоски покажа еден слајдер со фотографија од Заев на кој пишуваше „состанок во влада“, а како учесници под англискиот збор „subjects“ беа наброени пет лица: Зоран Заев, Катица Јанева, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Јово Вангеловски.

На материјалот, пак, е само гласот на Заев, а од она што можеше да се слушне остава впечаток дека е составен од повеќе слепени делови, зашто некои реченици почнуваат но не завршуваат. Целата снимка нема континуиран тек.
*Поврзана вест: Локвенец: ВМРО-ДПМНЕ се закопа, снимката на Милошоски покажува зошто беше потребен законот за ЈО (ВИДЕО)
Додека се слушаше аудио-материјалот на видео-бимот во партиското седиште се менуваа слајдери со ликот на Заев и транскрипт од она што се слушаше. Во продолжение интегрално го пренесуваме транскриптот, како што беше презентиран на прес-конференцијата:
„Амбиентот во моментот тоа кога се случува, Катица знае, по кој постапки со многу трпение треба да се оди, и го тераме целиот процес, знае дека на Врховен суд ќе се донесе таква одлука. Без Заев не може…

Им реков почекајте ќе видите одлука на Врховен суд, оп се случи одлуката на Врховен суд, Законот за СЈО што го преговаравме до касно го преговаравме

Ако се издоговориме тоа многу брзо ќе му стави крај, трас-трас готово, ако не се издоговориме ќе се заврши на одложе рок, но ќе се заврши одлуката на Врховен е донесена.

Што се случува, во правото, кога има матријални докази којшто се обезбедени на основа на неовластени не дозволиви снимките, снимките се веќе недзволиви и обезбедените материјални докази паѓаат, таму каде штоп паѓаат се затвара предметот, тоа е како донесена пресуда, не се отвараат.

Што е важно? Катица тоа го знае, знае од целиот почеток, значи ја со Јово Вангеловски беше еден од трите судии во Врховен суд, имаше и тројца од Апелационен суд, што требаше да паднат заради бегството на Сеад Кочан и заради бегството на овој (Груевски).

И Јово беше внатре, сум се смирил и сум се договорил со Јово

Точно е, ние бевме блиски, тераме блиски, јас сум таков човек, прво не верувам дека секојпат, не треба, дека секојпат сум верувал.

Ова е политичка битка помеѓу ВМРО и СДСМ и тука треба да застане, заради тоа се разговорите, они поминаа границите, знаејќи го Катица целото тоа што ќе се случува она и така се однесува, знае дека ќе паднат предметите, знае и да не сака она помага, готово влезена е во тој процес сега.

Со Јово и сум бранел во јавност и сум јадел… Цела јавност знаеше дека власта стои зад Врховен суд, Врховен суд тоа не може сам да брка.“
