Десетина правници доставиле биографии до Комисијата за избори и именувања за да бидат кандидати за уставни судии, според сознанија на ВМРО-ДПМНЕ што денеска ги објави пратеникот Антонио Милошоски. Тој рече дека меѓу нив има судии со долгогодишен стаж кои би биле многу посоодветен избор од поранешната пратеничка на СДСМ и актуелен генерален секретар на Собранието Цветанка Иванова и адвокатот Васко Талевски. Го повика претседателот на Комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов да ја објави листата на оние што испратиле биографии.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави писма до неколку амбасади, вклучително до ЕУ, за неуставни номинации на Цветанка Иванова и Васко Талевски. Според Уставот, функцијата уставен судија е неспоива со членство во партија. Иванова е познато дека е член на СДСМ, а Талевски во јануари го ажурирал членството. Ако бидат избрани, ќе се прекрши членот 111 од Уставот и тоа би било ‘заевизација’ на Уставниот суд“,
рече Милошоски.
Според Милошоски, Иванова не го исполнува критериумот на истакнат правник бидејќи дипломирала на Правниот факултет, но немала стручен труд ниту практично искуство.