Независниот пратеник го нарече „криминалец“ својот поранешен сопартиец од ВМРО-ДПМНЕ, кој, пак, сакаше да пушти нова „бомба“ во собраниската сала
По едночасовната пауза на собраниската седница за законот за јавно обвинителство, пратеникот Антонијо Милошоски излезе на говорница и бараше спикерот Талат Џафери да му дозволи да пушти аудиоснимка.
„Би сакал да ве прашам, дали ќе ми дозволите Вам, на јавноста и на пратениците да ви пуштам уште една снимка на лицето З.З. која покажува дека тој е главата на ‘Рекет’. Снимката е јасна и покажува дека лицето знае и учествува, организира и дава совети како да оди операцијата ‘Рекет’“,
рече пратеникот кој пред себе извади постер со фотографија од прославата за првата година од 1ТВ на која се Рената Дескоска, Оливер Спасовски и Бојан Јовановски-Боки 13.

Џафери не му дозволи, па Милошоски во говорот рече дека власта сака да се донесе законот за јавно обвинителство бидејќи сака да се спаси од прогон зашто членот 110 предвидува нелегално снимени материјали да не можат да бидат доказ.
„Законот за ЈО им треба за да не одговараат. За одговорноста да биде селективна“, рече Милошоски.
Дескоска: Се плашите!

На ваквите негови обвинувања возврати министерката за правда Рената Дескоска.
„Немам плаката и снимка, инаку требаше да ја земам честитката на вашиот лидер кој на истиот овој настан на голем видеобим се покажуваше како честита годишнина од основањето на 1ТВ“,
реплицираше Дескоска.
Министерката го прокоментира и барањето на Милошоски да пушти аудиоснимка од говорница велејќи дека тоа му било само добар блеф бидејќи претходната снимка што ја пуштил на комисиска расправа се покажало дека не е бомба туку обична петарда.
Таа, пак, порача дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши од законот и затоа една година се обидува да го опструира.
„Вчера цел ден на интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ стоеше анализа за тоа што ќе произлезе од носењето на законот. Во неа пишува ‘Решението од целиот овој циркус требаше да биде поништување на законот за СЈО, со што ќе се поништеа сите правни последици кои овој закон ги создаде на дискриминрачки закон’. Ова беше барањето на ВМРО-ДПМНЕ цело време, поништување на постапките на СЈО. Сега сте соочени со закон со кој нема да запре ниту една постапка, закон со кој ќе се користат материјалите за случаите покренати во рокот од 18 месеци, а за другите ќе бидат индиции. Индициите се основа за барање докази. Сето ова покажува дека реално постои страв кај вас“,
рече Дескоска.
Мукоски: ВМРО-ДПМНЕ е заложник на два-тројца криминалци

Милошоски освен обвинувањата дека некој сака да се спаси од „Рекет“, во листата на тие што сакаат да се спасат го спомена и Крсто Мукоски и фирмата на неговата фамилија. Тој порача дека Мукоски бил обвинуван од СДСМ дека добива незаконски тендери, а потоа власта на социјалдемократите дала тендери на неговата фамилијарна фирма од околу 4 милиони евра. Милошоски потсети и дека пратеници од СДСМ своевремено го нарекувале по Мукоски и терорист.
Мукоски, кој беше исклучен од пратеничката група со уште седум колеги откако гласаа за уставните измени, не остана должен. Од собраниската говорница го нарече Милошоски „криминалец“, а за партијата кажа дека станала заложник на такви како него.
„Многу ми е жал за партијата која вие не можете да ја присвоите пред мене бидејќи можеби и пред вас сум член на ВМРО-ДПМНЕ. Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ денес е заложник на два-тројца криминалци, и се претвори во партија по примерот на Златна зора во Грција или на радикалите на Шешељ“,
рече Мукоски.
Јас, рече тој, чесно си одлежав за несвесната грешка што ја направив на 27 април 2017.
Но, такви криминалци како Милошоски, рече Мукоски, треба да одговараат.
„Ќе ви кажам неколку збора. Крсто Мукоски за таа несвесна грешка што ја направи си го одлежа своето. Жалам што такви како тебе кои ги упатуваа горе луѓето да го направат тоа што го направија, не одговараат. А ќе ве потсетам и на една изјава што беше дадена од сведок кој во моментов е во бегство: ‘Не барајте го Љубен Арнаудов, качете се горе, целта е Заев’“,
рече Мукоски, а неговиот говор за 27 април доби аплауз од група пратеници од власта.
Пратеникот од „осумката“ ја спомена и фирмата за чии тендери обвини Милошоски.
„Кога СДСМ дојде на власт, точно е обвинуваа, но институциите ја тресеа фирмата 6 месеци и не најдоа ништо. И денеска ве молам, пријавете го тоа што го зборувате и пак нема да најдат ништо“,
одговори Мукоски.