Во октомври минатата година беа одложени две рочишта за „Таргет-Тврдина“, поради тоа што ексдиректорот на УБК прво беше суспектен, а потоа беше потврдено дека е заразен со ковид-19
Со самоизолација поради температура од 40 степени, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков го „оправда“ денеска своето дводневно отсуство, додека по него беше распишана и меѓународна потерница, откако полицијата го бараше, но не го најде за да му го врачи решението за куќен притвор, пред пресудата за основниот предмет од аферата со масовното нелегално прислушување. Мијалков рече дека се изолирал поради висока температура и дека не знаел дека е распишана потерница по него.
Кон средината на октомври, токму судењето за предметот„Таргет – Тврдина“ два пати беше одложено поради здравствената состојба на обвинетиот Мијалков. Првиот пат кога тој беше во изолација и се тестираше на ковид-19, поради позитивниот тест на неговата сопруга. Со оглед на тоа што и ексдиректорот на УБК тогаш излезе позитивен, беше одложено и следното рочиште, а продолжението на судењето беше презакажано за ноември.
Пред една седмица, обвинителството и одбраната во случајот „Таргет-Тврдина“ ги дадоа своите завршни зборови за нелегалното прислушување и за уништувањето на опремата во некогашната УБК, на чие чело Мијалков беше речиси цели девет години, од 2006 до 2015 година, во времето на владеењто на ВМРО-ДПМНЕ, односно до настаните во кумановски Диво Насеље.
Меѓу обвинетите во „Таргет-Тврдина“ се и поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, на кои им се суди во отсуство, со оглед на тоа што, со лажни идентитети, избегаа во Грција.
Нивниот адвокат, Петар Василев, во завршните зборови за нив настапи со теза дека судот нема право да им суди со оглед дека Грција веќе одбила да ги екстрадира.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска изјави вечерва дека не се видела со Мијалков за да види дали е изнемоштен, ама, како што рече, не верува дека го немало затоа што бил болен.