Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, не се сеќава дали во врска со убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година странски служби ги информирале дека станува збор за лица кои биле во воените боишта во Авганистан и Ал каеда и тврди дека немал претходни информации дека ќе се случи овој настан.
Тој денеска во Кривичниот суд се појави како сведок во случајот „Монструм“.

„Не се сеќавам дали оперативната обработка за исламистичка група се издиференцирала во овој случај. Не можам да се сетам дали странски служби нè информирале дека станува збор за лица кои биле во воените боишта во Авганистан и Ал каеда. Сите мотиви во овој случај ги класифицираше јавниот обвинител“,
истакна Мијалков.
Одговарајќи на прашање на обвинетиот Фејзи Азири, дали на 12.4.2012 функционирале безбедносните камери на Град Скопје, Мијалков исто така рече дека не се сеќава за нешто од пред 8 години и упати да се провери во МВР.
Тој единствено потврди дека имал средба со шефот на тајната служба по убиствата Смилковското Езеро, но и овој пат, како што рече, не можеше да се сети кога била.
Поранешниот директор на УБК во сведочењето тврдеше дека немал претходно информации за овој случај, туку за тоа дознал половина час по убиствата. Рече дека случајот го воделе БЈБ, а Управата била вклучена со помагање во информации.
„УБК беше присутна во својство и улога на собирање информации во однос на оперативни сознанија. За овој случај беа ангажирани сите ресурси на УБК и БЈБ“,
ѝ одговори Мијалков на обвинителката Фатиме Фетаи.
Денешното рочиште за случајот „Монструм“ продолжува со сведочење на поранешниот советник за национална безбедност Синиша Алексовски. По него, треба да сведочат и поранешните министри Муса Џафери и Блерим Беџети.