Блокадата од Бугарија за старт на преговори со Северна Македонија го попречува помирувањето во целиот регион, смета Европскиот парламент, пренесе дописничката на МИА од Брисел.
Известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук и Андреас Шнајдер, претседател на делегацијата на Европскиот парламент за Северна Македонија, во заедничко соопштение побараа да се донесе одлука за почеток на преговорите без дополнително одлагање.
„Неуспехот на министрите за европски прашања да ја одобрат преговарачката рамка за Северна Македонија, одложувајќи ги преговорите за членство во ЕУ, го загрозува кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан“,
сметаат европратениците преку официјално соопштение на Европскиот парламент.
Тие бараат да му се даде приоритет на европско решение наместо на унилатерални интереси на земјите членки.
Европскиот парламент смета дека неспособноста да се постигне компромис се должи на ветото на Бугарија и дека со тоа се става во опасност целото регионално помирување.
„Го признаваме напредокот остварен од страна на Скопје во темелните демократски и економски реформи и ги повикуваме сите страни да продолжат со конструктивен дијалог заснован на добрососедски односи и имплементацијата на Договорот за пријателство, во согласност со предвидлив, објективен пристапен процес за ЕУ заснован на заслуги“,
велат од Европскиот парламент и додаваа дека првата меѓувладина конференција треба да се одржи до крајот на оваа година за да се покаже дека тој дијалог носи резултат.
