Кредитната агенција „Фич“ го оцени кредитниот рејтинг на земјава со ББ+, но сега со негативен изглед поради глобалната пандемија, додека „Стандард и Пурс“ со ББ- со стабилен изглед, соопшти денеска Министерството за финансии.
И двете кредитни агенции, како резултат на ковид-19 кризата и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и закрепнување, односно раст во 2021 година, со тоа што „Фич“ проектира -4,2 проценти за 2020 и 5,1 процент раст во 2021, додека „Стандард и Пурс“ -5 проценти во 2020 и 3,8 проценти во 2021 година.
„Кредитните агенции ги нотираат мерките кои се преземени од страна на Владата насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меки регулаторни мерки. Како што се наведува и во двата извештаја мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50 проценти. Заедно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит“,
соопшти Министерството за финансии.
Кредитни агенции го оценуваат банкарскиот сектор како стабилен исто, како и домашната валута која има фиксен курс со еврото.
Од Министерството за финансии посочуваат дека и двете агенции позитивно го оценуваат „зеленото светло“ од Европската унија за почеток на преговори што заедно со спроведувањето на реформи може значително да придонесе за развој на економијата.
