Методологијата во детали го објаснува целокупниот процес на спроведувањето на пописот, изјави директорот на ДЗС пред денешната средба со градоначалниците
Методологијата за спроведување на пописот во април ќе биде објавена во „Службен весник“, како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детаљ за неговото спроведување, информира директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски пред денешната средба во Собранието со државниот врв и со градоначалниците.
„Методологијата во детали го објаснува целокупниот процес на спроведувањето на пописот. Севкупна е и таму се содржани сите дефиниции на поимите што се дел од пописот, дефиниции на сите категории на населението, сите обврски на учесниците во пописот до најситните детали. Таму се сите белези за кои ќе се собираат податоците, начинот на кој што ќе се собираат податоците за тие белези, значењето на белезите, која е примената на тој податок понатаму. Значи, до најситни детали е објаснета целокупната постапка. И она што е многу важно, за прв пат во досегашната практика ова ќе биде објавено во ‘Службен весник’. Значи ќе биде јавен документ и секој граѓанин ќе може да биде запознаен со тоа што ќе работиме во најситен детал“,
рече Симовски.
На денешната средба, претставниците од Државниот завод за статистика ќе ги информираат претставниците на локалните самоуправа за нивните должности согласно со Законот за попис.
Според Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат секретарите на општините.
Собранието на 21 овој месец го донесе Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во земјата, Пописот треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година.
Ова е прв попис после 19 години. Последниот државата го спроведе во 2002 година. Пописот кој почна да се спроведува во 2011 година беше прекинат по само 10 дена.