„Неофицијално, според побарувањата за исписници и потврди што ги бараат од кај нас во Здружението, за да си ја комплетираат документацијата за во регионот и Европа, имаме многу голем одлив. После пандемијата на ковид-19 дури имавме период кога на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваа од сите нивоа на јавниот здравствен систем“, вели претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“
Има голем одлив на медицински сестри во странство. По пандемијата на ковид-19 на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваат од сите нивоа на јавниот здравствен систем.
Ова денеска го изјави Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“, во рамките на неделата на сестринството, чие мото е „Инвестицијата во образованието на сестрите е инвестиција во здрава нација“.
„Неофицијално, според побарувањата за исписници и потврди што ги бараат од кај нас во Здружението, за да си ја комплетираат документацијата за во регионот и Европа, имаме многу голем одлив. После пандемијата на ковид-19 дури имавме период кога на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваа од сите нивоа на јавниот здравствен систем“,
рече таа.
Според неа, проблемот не бил само во тоа што медицинските сестри заминувале во странство, туку и во приватните здравствени институции, а заминувале и воопшто од професијата.
„Затоа, многу е важно да се има автономност во професијата, здрава работна околина, подобри услови за работа, веднаш да се реагира, за да не се биде нација што ќе остане без медицински сестри. Сестрите се силата на здравата нација. Континуирано на различни начини ја браниме професијата, како и преку хуманитарни активности организирани во изминатиот период“,
вели Бешлиоска.
Бешлиовска рече и дека медицинските сестри биле маргинализирани во однос на многу нивни барања досега, иако редовно го кревале гласот и реагирале. Изрази и надеж дека конечно професијата ќе се изрегулира со закон.