Овој процес, како што додава тој во изјава за новинарите дадена на вториот ден од неформалниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ, би бил еден вид стратегија, чија крајна цел треба да биде полноправно членство на Украина во Европската Унија
За потсетување, премиерот Христијан Мицкоски на 19 февруари во телевизиско гостување изјави дека е можно Западен Балкан и Украина да влезат во Европската Унија како некаква комбинација, но без право на глас. Мицкоски тогаш рече дека во Брисел сè погласно се слуша идејата што го опфаќа мировниот план за Украина, во кој нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, би била на брза лента. Во таквите сценарија, како што рече, е вклучена и Македонија
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека предложил претпристапен процес за Украина што ќе ја доближи земјата до Европската Унија (ЕУ), додавајќи дека сличен процес би можел да следи и во однос на пристапувањето кон Унијата на земјите од Западен Балкан, од кои дел е и Македонија, пренесе порталот „Политико“ (Politico.eu).

Во изјавата дадена за новинарите на вториот ден од неформалниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ што се одржува во Кипар, Мерц наведува дека претпристапниот процес на Украина би вклучувал, на пример, учество на земјата во Европскиот совет, Европскиот парламент или Европската комисија (ЕК), но без право на глас.
Овој процес, како што додава тој, би бил еден вид стратегија, чија крајна цел треба да биде полноправно членство на Украина во Европската Унија.
„Предложив сега да започнеме процес во рамките на Европската Унија што вклучува стратегија за доближување на Украина до Европската Унија, чија крајна цел, секако, треба да биде полноправно членство“,
цитира „Политико“ дел од изјавата на германскиот канцелар.
Во неа тој додава дека за предлогот добил силна поддршка од своите европски колеги, но, како што наведува, главна пречка е пристапот на Киев до внатрешниот пазар на Унијата – кој, според Мерц, може да биде ограничен на одредени области, со цел да се реши загриженоста што постои кај некои земји членки.
„Процесот на пристапување на Западен Балкан би можел да следи сличен пат“,
вели Мерц, според „Политико“.

За потсетување, премиерот Христијан Мицкоски на 19 февруари во телевизиско гостување изјави дека е можно Западен Балкан и Украина да влезат во Европската Унија како некаква комбинација, но без право на глас. Мицкоски тогаш рече дека во Брисел сè погласно се слуша идејата што го опфаќа мировниот план за Украина, во кој нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, би била на брза лента. Во таквите сценарија, како што рече, е вклучена и Македонија.
Премиерот тогаш тоа го означи како прво сценарио, според кое Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија би станале членки на ЕУ во 2027 година, но без право на глас.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, на 8 април од Вашингтон, каде што ја предводеше македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД, изјави дека во Европската Унија има засилена дискусија за тоа како ќе изгледа проширувањето на Унијата во следните години, но сè уште, како што кажа, нема никаков резултат од тие разговори.
Муцунски ова го кажа во интервју за телевизијата Сител одговарајќи на прашањето дали верува дека процесот на обиди да се дојде до решение со Бугарија може да даде резултати во догледно време или, пак, нашата дипломатија и Владата сега повеќе се фокусирани на алтернативни модалитети за членство во ЕУ, за кои неодамна зборуваше премиерот Мицкоски.
„Ние не отстапуваме од чекорите кон полноправно членство во Европската Унија и ќе продолжиме да работиме и на дијалог и на конструктивни решенија, но исто така не смееме да исклучиме дека може да настане некоја промена во модателитете на проширување на Унијата што би дошле од Брисел“,
рече Муцунски.
Тој додаде дека овие модалитети поврзани со проширувањето ги споменуваат затоа што се дел од една реална дискусија што се води не само во Брисел, туку и кај самите земји членки на ЕУ.
Инаку, во средата (22 април) амбасадорите на земјите членки на Европска Унија донесоа одлука за формирање ад хок работна група, која ќе започне со подготовка за изготвување на нацрт-договорот за пристапување на Црна Гора во Унијата.
Одлуката беше донесена на состанок во Брисел, а од кипарското претседателство со ЕУ оценија дека станува збор за силен сигнал дека проширувањето останува реална перспектива за земјите кандидати.
Од кипарското претседателство со ЕУ информираат дека се вложени значителни напори процесот да започне што е можно побргу, имајќи ја предвид обемната техничка работа што претстои пред официјалното изготвување на пристапниот договор со Црна Гора.
