Имено, Божиновска беше прашана околу условите во договорот за заем од ЕБОР, имајќи предвид дека пред околу шест години МЕПСО платило казнени пенали од околу 800 000 евра поради неискористен заем од банката, односно нереализирани проекти. Во нејзиниот одговор на новинарското прашање таа кажа: „Гарантирам сто проценти дека нема да се повтори ваква ситуација“
Според претседателката на ЕБОР, Одил Рене Басо, проектот ќе го трансформира енергетскиот пејзаж на Северна Македонија овозможувајќи поврзување на дополнителни 1,2 гигават-часови електрична енергија од обновливи извори кои во моментов не можат да бидат поврзани поради застарените потстаници во Југоисточниот Регион
Македонскиот електропреносен систем-оператор АД МЕПСО денеска во Владата потпиша договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем од 26,4 милиони евра, пари кои ќе бидат наменети за зајакнување на преносната мрежа, а во насока на транзицијата на земјата кон зелените извори на енергија.

Договорот го потпишаа претседателката на ЕБОР, Одил Рене Басо, и директорот на АД МЕПСО, Зухди Енус, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Средствата од заемот ќе бидат искористени во рамки на проектот за изградба на трафостаница во близина на Милетково и обнова на 110 киловолтниот далновод Валандово–Струмица. Ова треба да овозможи приклучување на нови 1 170 мегавати електрична енергија од обновливи извори кои во моментов стојат неприклучени.
Вкупната вредност на проектот, како што кажа министерката Божиновска во своето обраќање, изнесува 34,7 милиони евра. Најголем дел од него ќе покрие заемот од ЕБОР од 26,4 милиони евра, додека околу 7,6 милиони евра ќе бидат обезбедени со грант од Инвестицискиот фонд на ЕУ за Западен Балкан, а половина милион евра ќе дојдат од Климатскиот инвестициски фонд за забрзување на транизацијата од јаглен кон обновливи извори на енергија.
„Впрочем, еден од приоритетите во енергетиката на оваа влада е зајакнување на електропреносните капацитети преку реконструкција, односно ревитализација на постојните далекуводи“,
изјави Божновска.
Претседателката на ЕБОР, Одил Рене Басо, посочи дека проектот ќе има силно влијание во намалување на загубите при преносот на струја и намалување на емисиите на јаглерод диоксид до 8 185 тони на годишно ниво.
Ова, како што истакна таа, ќе го трансформира енергетскиот пејзаж на Северна Македонија овозможувајќи поврзување на дополнителни 1,2 гигават-часови електрична енергија од обновливи извори кои во моментов не можат да бидат поврзани поради застарените потстаници во Југоисточниот Регион.
„Покрај оваа корист проектот ќе негува и развој на човечки капитал. Ние ќе помогнеме МЕПСО да воспстави центар за обука во југозападниот регион и овој центар ќе се фокусира на обука на операторите на мрежите и другите секторски работници што ќе бидат погодени од транзицијата кон зелена енергија и ќе развијат зелени вештини за иднината. Покрај тоа проектот вклучува и поддршка за развој на мастер план за мрежи со кои ќе се идентификуваат клучните инвестиции во мрежата коишто се потребни за распоредување нови обновливи извори и да се обезбеди беспрекорна транзиција кон зелена енергија. Во овој мастер план ќе имаме и платформа за правична транзиција преку ЕБОР и секако тука ќе биде и транзицијата од старите мрежи кон нови“,
рече претседателката на Европската банка за обнова и развој.

ЕБОР, додаде таа, е клучен партнер на МЕПСО во финансирањето на неколку клучни проекти кои вклучуваат и поврзување со Бугарија и Албанија, како и рехабилитација на високонапонската мрежа.
„Силната соработка со МЕПСО, исто така, ќе го поддржи акцискиот план за корпоративно управување како и градењето капацитети за набавките. Се радувам што ќе ја продолжиме работата со МЕПСО и со Владата на Северна Македонија за да се олесни агендата за зелена транзиција“,
порача Рене Басо.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, посочи дека станува збор за проект од големо значење за економскиот развој на енергетскиот сектор во Северна Македонија. Без такви инвестиции, истакна Гир, нема да може да се исполни планот за декарбонизација што земјава си го постави во својата зелена агенда.
„Накусо, не може да имаме транзиција без пренос. ЕУ и понатаму ќе придонесува кон овој процес преку инструментот за инвестиции на Западен Балкан и новиот План за раст и ќе помогнеме да се изградат поголеми регионални поврзувања и да се обезбеди одржлив развој. На крајот на краиштата, овие активности ќе ѝ помогнат на Северна Македонија да ја постигне својата цел и да постигне 66 проценти удел од производство на енергија од обновливи извори до 2030 година. Во духот на Тим Европа, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Северна Македонија затоа што инвестицијата во енергетска инфраструктура е двигател за регионалниот развој и економскиот раст“,
рече евроамбасадорот.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини увери дека сè што ќе биде сега договорено и потпишано со ЕБОР ќе се испочитува и реализира сто проценти.
Имено, Божиновска беше прашана околу условите во договорот за заем од ЕБОР, имајќи предвид дека пред околу 6 години МЕПСО платило казнени пенали од околу 800 000 евра поради неискористен заем од банката, односно нереализирани проекти.
„Гарантирам сто проценти дека нема да се повтори ваква ситуација. Сè што ќе биде сега договорено и потпишано ќе се испочитува и ќе се работи како што ќе потпишеме, ќе си ги одржиме нашите ветувања како Влада. Сакаме да работиме на сигурноста на гридот (мрежата). Не можам да зборувам што се случило и зошто не е нешто направено од 2018 или порано, тоа ќе видиме за некое време, бидејќи ќе видиме ревизијата што ќе покаже. Така што, ние може да зборуваме од денеска па понатаму дека ќе биде поразлично и дека ќе се потрудиме да ги исполниме сите наши обврски од сите договори што ги имаме и што ќе се потпишуваат во иднина“,
рече Божиновска.

Прашана во врска со најавените ревизии, вклучителчно и во МЕПСО, таа изјави дека имала средба со државниот ревизор и дека се прави план за нивно реализирање во септември следната година, а некои од ревизиите веќе биле направени.
Во овој контекст, министерката Божиновска побара трпение од јавноста со оглед дека станува збор за ново министерство кое е во фаза на оформување и кое сè уште нема свои простории.
„Денеска ни е еден месец откако седнавме на столчињата, така што ако може да имате малку трпение. Ние сè уште немаме ни простории, така што сме во процес на оформување, меѓутоа ќе биде извршена целосна ревизија на сите енергетски капацитети“,
рече министерката.