Судот донел одлука дека аргументите кои ги посочува соседна Србија не држат и дека нема основа Блерим Рамадани да се екстрадира во Србија, рече вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити
Во однос на тоа каде потфрлиле институциите во случајот со бегството на Блерим Рамадани ќе се обратите до Министерството за внатрешни работи, но од она што ми е веќе познато е дека судот донел одлука дека аргументите кои ги посочува Србија немаат основа и затоа не постои причина да тој се екстрадира во Србија, вели вицепремиерот Изет Меџити на новинарско прашање – дали како Влада располагаат со повеќе информации во однос на бегството на поранешниот војник на ОВК.
Тој рече и дека како држава, Македонија треба да се насочи кон дејствување како и сите останати европски држави во однос на меѓународните потерници издадени од Србија за борците на поранешната Ослободителна војска на Косово.
„Тоа е веќе трета одлука, имаше и за Дуголи во минатото и за Морина и веќе тоа станува судска пракса и таа пракса треба да нè насочи како држава да делуваме и како сите други европски држави, дека Србија дава неточни информации и не треба да се сфатат сериозно“,
кажа Меџити.
Во однос на обвинувањата на ДУИ дека недостигот на легитимитет и кредибилитет на, како што рекоа, слугите во власта (Коалиција „Вреди“ н.з) ги загрозува поранешните војници на ОВК, Меџити вели дека ДУИ константно се обидува преку лажни вести да создадат атмосфера дека Рамадани е прв војник на УЧК кој бил затворен, за потоа сами да се демантираат фалејќи се за ослободувањето на Дуголи пред неколку години.
„И тоа дека г. Дуголи беше ослободен од нив е лага, тој беше ослободен од страна на Врховниот суд, и јас бев инволвиран кога одлуката беше донесена. Значи фактите се дека првата лага на ДУИ пропадна, оти покрај Блерим имаше уште двајца поранешни војници, а факт е дека ДУИ не помага на процесот, туку го злоупотребува“,
рече Меџити.
Вицепремиерот заклучи дека прашањето за Рамадани треба да се затвори, како што rече, и ова да биде судска практика за во иднина да не се соочуваме со вакви случаи оти тоа се трошоци за државата, за судството и бидејќи штетат на односите помеѓу Македонија и Косово.
Синоќа, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека од косовската амбасадата во С Македонија е информирано оти властите во земјава ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на свои роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.
Македонското МВР вчера ја потврди информацијата дека од поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, за кого Србија има распишано потерница и бара екстрадиција, побегнал од куќен притвор.
Телевизија 21 синоќа објави дека е можно Рамадани веќе да се наоѓа во родниот град во Косово. На социјалната мрежа Фејсбук е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добредојде дома, во нашиот роден град“.
Човекот од фотографијата во разговор со новинар од ТВ 21 не негирал дека фотографијата е направена денеска, но одговорил и дека тој не е должен да дава вакви информации, а од телевизијата додаваат дека и покрај сите информации, сè уште не можат во целост да потврдат дали информациите се веродостојни.