Тој нагласи дека немаат проблем со Ахмети како претседател на партијата туку, како што рече, имаат проблем кога неговиот лидерски имиџ бледее и некој со пропагандни методи, во овој случај Артан Груби, одговара во негово име
Не сум заинтересиран да бидам лидер на Демократската унија за интеграција и да го заменам Али Ахмети, не работам во таа насока. За оваа влада гласав само поради Ахмети и поради европските интеграции, рече потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, синоќа во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
„Дваесет години сум во оваа партија и континуирано ѝ носам победа во местото каде што сум, немам ли право да кажам кога некој некаде ќе згреши? Оваа влада е формирана пред две години и оттогаш ги искажувам моите критики за оваа извршна власт и јавно пред Собранието кажав дека ќе гласам за оваа Влада само поради Али Ахмети и поради европските интеграции. Во принцип, јас бев против, гласовите на терен се собрани со Али Ахмети и оваа извршна власт не се соочуваше со граѓаните, значи нема легитимитет кај граѓаните. Исто така, оваа извршна власт ги нема поминато филтрите на партиските органи, односно во генералниот совет“,
рече Меџити кој е дел од т.н. „огнена група“ на ДУИ, која јавно бара Артан Груби и Бујар Османи да се повлечат од министерските функции.
Тој нагласи дека немаат проблем со Ахмети како претседател на партијата, туку, како што рече, имаат проблем кога неговиот лидерски имиџ бледее и некој со пропагандни методи, во овој случај Артан Груби, одговара во негово име.
„Никој не нè поттикнува. Тоа е гласот на граѓанинот и нашиот чист и искрен глас. Дали ќе не толерира Али Ахмети? Тој може утре да излезе и да каже дека овие момци биле добри до вчера, но денеска го прекршија Статутот и да ги исклучи од партијата. Не можеме да ги прејудицираме работите. Ќе се обидеме со демократски методи, со анализи, со ревизија да му кажеме дека треба да размислува. Мора да го слуша гласот на граѓанинот и мора да направи промена за да оди напред“, рече тој.
рече тој.
За можноста албанската опозициска партија Алијанса за Албанците да стане дел од владината коалиција, Меџити смета дека сето тоа се прави за „замолчување“ на т.н. „огнена група“.
„Владата сега има 64 пратеници. Доволно за да функционира и во последната година од владеењето. Ако ја земеме Алијансата за Албанците, сепак нема да стигнеме до 80 пратеници. Второ, секој пратеник Албанец, без разлика дали е од власта или опозицијата ќе гласа за уставните измени. Овде е многу јасно дека станува збор за онаа народната: ‘за инает на снаата, да ми умре синот’. Во состојба сме да ја внесеме Алијанса за Албанците во Влада за да се замолчи огнената група или некоја друга огнена група во други субјекти“,
посочи Меџити.
Според него, вклучувањето на Алијансата за Албанците во Владата е тенденција да се уништи албанската опозиција.
Превирањата во ДУИ почнаа откако членови на партијата на 24 септември во отворено писмо обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, според нив, станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-ина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за надминување на ваквата состојба и беше упатен повик до лидерот на партијата Али Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.