„Сега конечно е јасно кои се вистинските членови на Алијанса, кои работат чесно и стојат зад идеoлогијата на партијата, а кои биле тие кои заради лични интереси решиле да кумуваат со ДУИ во политиката. Конечно граѓаните и симпатизерите може да направат разлика и да бидат сигурни дека нема да имаме тројански коњи на ДУИ кои ќе ја уништат партијата“, рече тој
Арбен Таравари е легитимен претседател на Алијанса за Албанците (АА), а партијата има легитимно Собрание. Ова денеска на средба со новинарите во Министерството за здравство го изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, откако превирањата во Алијанса за Албанците, освен меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, направија раздор и меѓу министрите од оваа партија.
За Меџити вчера беше предложена замена на министерското место. Од Алијанса за Албанците соопштија дека е одлучено да се постават нови кандидати за министри за здравство и за информатичко општество и администрација на местата на Фатмир Меџити и Азир Алиу.
„Во Алијансата за Албанците има едно едно централно собрание и тоа ќе биде вечерва во Куманово на собир со граѓаните, легитимните избрани органи и легитимниот претседател на партијата, Таравари“,
изјави Меџити.
На новинарско прашање што ќе му порача на Зијадин Села, Меџити рече дека Алијанса има свои легитимни органи и легитимен претседател кој е избран на најдемократски начин во партијата.
„Тие што одлучиле да кумуваат со ДУИ за свој личен интерес, тоа е нивна работа. Ги поздравувам и како министер за здравство им посакувам добро здравје“,
рече Меџити.
Според него, 83 членови на собранието на АА се на нивна страна.
Рече дека не е информиран кога ќе се одржи седницата за негово разрешување, но дека тој и министерот за информатичко општество Азир Алиу имаат право да се обратат пред пратениците.
Меџити вели дека во јавноста има информација дека им било сугерирано на директорите од Клиничкиот центар во Скопје од ДУИ да земат боледувања за да не бидат разрешени од него и побара од новинарите и Фондот за здравство да ја проверат оваа информација.
Министерот посочи и дека се соочува со опструкции во работата, особено за катните гаражи и за спојувањето на Клинички, но и за други проекти. Смета дека политиката треба да ги тргне работите од здравството и од образованието.
„Замислете за таков сообраќаен хаос на Клинички, да најдеш решение, ги земаш сите мислења и во тек на три-четири дена треба да се парафира и да се прати на дотично министерство за да може процедурата да си тече. Е тука се соочувам со сите овие опструкции по препорака од Артан Груби. За да не можеме да ги реализираме овие проекти. Знаете, во оваа држава сè може да ти простат само успехот не. Јас навистина се борев, се борев за правата на здравствените работници и граѓаните да добиваат подобри услуги“,
рече Меџити.
Според него, се покажало дека ДУИ преку нивните министри од кои зависат многу работи и решенија, до крај решиле да ја политизираат состојбата, а на тој пат нашле сојузници и во неколкумина членови на Алијансата.
„Сега конечно е јасно кои се вистинските членови на Алијанса, кои работат чесно и стојат зад идеологијата на партијата, а кои биле тие кои заради лични интереси решиле да кумуваат со ДУИ во политиката. Конечно граѓаните и симпатизерите може да направат разлика и да бидат сигурни дека нема да имаме тројански коњи на ДУИ кои ќе ја уништат партијата“, нагласи Меџити.
За министерот за правда Кренар Лога, кој застана на страната на Села, рече дека е негов другар и има голема почит кон него и го чувствува како брат, но дека некогаш патиштата во животот се разидуваат.
Министрите за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, пред два дена на прес-конференција пред Владата изјавија дека нема да поднесат оставки и изразија уверување оти партијата нема да бара нивно разрешување.
Одлуката со која се бара разрешување на Меџити и Алиу, како што соопштија од Алијанса, е поради тоа што двајцата министри спровеле дејствија спротивни на етичкиот кодекс, уценувале и вршеле притисок врз членовите на Алијанса и врз вработените. Во делот на причините поради кои е донесена ваквата одлука се наведува и „јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ посетувајќи го нејзиниот министер“.
Министрите за информатичко општество и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, за кои се бара разрешување, застанаа зад партискиот лидер Арбен Таравари кој викендов преку објава на Фејсбук го повика Централното претседателство на Алијанса да поддржи заеднички настап на партија со опозициските партии на Албанците.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, е на иста линија со поранешниот лидер на Алијанса и актуелниот претседател на Централното собрание на партијата Зијадин Села, кој смета дека партијата треба да настапи самостојно на претстојните избори.
За тоа дека вчера од Алијанса за Албанците информираа оти Управниот совет на партијата донел одлука да ѝ предложи на Владата нови имиња за министри за здравство и за информатичко општество и администрација, а оти предлогот не е стигнат од Таравари, Ковачевски рече дека не ја знае структурата на партијата.
Прашан кој предлог за него е легитимен, оној на Арбен Таравари или тој на Зијадин Села, Ковачевски рече дека неговата комуникација досега била со актуелниот лидер на Алијанса за Албанците.