Претходно, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ потврди дека има четири нови случаи на голема кашлица во земјава, со што бројот се зголеми на вкупно 22 од почетокот на годината
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска на брифинг со новинарите истакна дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, откако вчера Комисијата за заразни болести даде таква препорака.
Претходно, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ потврди дека има четири нови случаи на голема кашлица во земјава, со што бројот се зголеми на вкупно 22 од почетокот на годината.
„Од службите сега ме известија дека сѐ е процесуирано и оттука ќе одам да го потпишам и ќе го пратиме до вакциналните пунктови веднаш да стапи во сила“,
рече Меџити.
Според него, препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.
„Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот“,
рече министерот за здравство.
Тој посочи дека се работи на проверка на вакцинални картони, а кога резултатите ќе бидат целосни, најави дека ќе бидат споделени со јавноста.
Инаку, премиерот Талат Џафери денеска му предложи на Собранието да ги разреши министрите за информатичко општество и администрација и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, и на нивно место да ги избере кадрите кои вчера ги предложи Алијанса за Албанците, по расколот помеѓу актуелниот и поранешниот шеф на партијата.
Џафери му предлага на Собранието да ги избере Илир Демири за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.
Од Собранието информираа дека материјалот од Владата е примен, а за предлогот за разрешување на двајцата министри ќе се расправа на седница која ќе биде закажана за утре.