Изет Меџити, пратеник од редовите на Демократската унија за интеграција, денеска потврди дека ќе гласа за новиот владин состав и покрај несогласувањата што се појавија во ДУИ од разграноците од Сарај и Чаир поради некои предлози за министри.
Во изјава за медиумите пред почетокот на денешната собраниска седница, Меџити признава дека има забелешки за извршната власт, но по долгите дебати во партијата вели дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.
Веќе подолго време во јавноста се говори за несогласувања во ДУИ околу предложените кандидати за министри, а тие се најизразени кај партиските разграноци на ДУИ во Чаир и во Сарај. Со тоа во прашање се доведуваа гласовите за поддршка на новата влада на Изет Меџити и уште една пратеничка од Чаир, како и гласот на Арбен Зибери од разгранокот во Сарај.
Со договорот за коалицирање меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, парламентарното мнозинство треба да брои 62 пратеници, а за избор на владиниот состав се потребни најмалку 61 глас во Собранието.
Ахмети, пак, вчера во изјава за ТВ Клан Македонија рече дека нема промени во предлозите за министри од ДУИ и дека внатрепартиската дебата е знак на функционирање на демократијата внатре во партијата.
Мандатарот Зоран Заев денеска во изјава за ТВ 21 рече дека поради очекувањата денешната процедура во Собранието за оставки на пратениците кои се предложени за владини функции и верификување на мандатите на новите пратеници да трае до доцна, за утре наутро најави дека ќе го поднесе до Собранието предлог- составот за нова влада.
По ова на пратениците ќе им бидат ставени неколку дена да се запознаат со кандидатите и владината програма. Според најавите, седницата за оваа точка би била закажана в сабота, а гласањето би било в недела.