Осомничениот за нападот е приведен, објави германската полиција
Триесетгодишен маж, турист од Шпанија, е тешко повреден во напад со нож кај споменикот на Холокаустот во Берлин, соопшти германската полиција. Осомничениот за нападот е приведен.
„Осомничениот е приведен во близина на местото на несреќата. Истрагата е во тек“,
објави германската полиција.
Засега не се објавени детали за идентитетот на осомничениот или, пак, за мотивот за нападот.
Нападот се случил околу 18 часот од северната страна на споменикот на Холокаустот во центарот на Берлин, во близина на американската амбасада. Областа околу споменикот, која инаку се простира на 1,9 хектари и е покриена со 2 711 бетонски плочи, е непристапна по нападот.
Според изввештајот на полицијата, поради тешките повреди со кои се здобил во нападот, повредениот турист од Шпанија бил пренесен во болница од страна на екипите од противпожарната бригада. Полицијата соопшти дека мажот се здобил со сериозни, но не со животозагрозувачки повреди.