Трговскиот центар „Мавровка“ ќе го добие третиот и најголем зелен покрив во Скопје.
Меморандумот за соработка за овој проект го потпишаа Градот Скопје, Општина Чаир и Здружението на корисници на деловниот простор во „Мавровка“.
По ГТЦ и зградата на Домот на градежници, ова ќе биде трет, но и најголем зелен покрив на вкупна површина од 4 000 квадратни метри на која ќе се засадат 40 различни видови садници.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, рече дека ова го прават од две причини.
„Прво, да го покажеме нашиот пристап на еднаквост на Градот, а второ, да го замениме зеленилото кое во лудилото на проектот ’Скопје 2014‘ овде, на оваа микролокација, кај Ректоратот, беше уништено со цел да се изградат и недоизградат овие барокни згради што не се ниту дел од универзитетскиот кампус“,
изјави Шилегов.
Раскрсницата кај „Мавровка“, каде ѓтп ќе има зелен покрив, е најфреквентната во Скопје и дневно поминуваат повеќе од 70 000 автомобили.
Зелените покриви, велат градските власти, се една од мерките со кои решиле да ги намалуваат т.н. урбани топлотни острови кои воедно даваат можност за развој на вегетацијата и животинскиот свет во урбаните средини.