Лицето е приведено, а против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори
Хашиш, амфетамин, МДМА и тетрахидроканабинол се пронајдени кај германски државјанин и се запленети од страна на царинските службеници на граничниот премин „Табановце“. При влез во државата, автомобилот управуван од државјанинот на Германија, кој патувал со својот сопружник, бил селектиран за контрола, а случајот е документиран со телесните камери кои се донација од Министерството за правда на САД.

„Царинските службеници пронашле супстанца со зеленкаста боја спакувана во црна кесичка, жолта восочна супстанца спакувана во црни кутивчиња, дрога во форма на бонбони, како и дробилки и вага за прецизно мерење. Извршен бил и личен претрес на осомничениот, при што се пронајдени дополнителни количини на супстанци со зеленкаста боја, бела прашкаста материја, гел во бела боја и таблети со портокалова и кафена боја“,
информираат од Царинската управа.
Лицето е приведено, а против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Направено е и вештачење на пронајдените супстанци, при што е утврден нивниот состав.
