Протестот се случува две недели откако заедно со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски објавија дека се договориле да се формираат работни групи кои ќе работат на решението, а рокот истекол денеска
Матичните лекари бараат да се подигне цената на капитацискиот бод по пациент, за која беа ветени 95 денари, како и измени на Законот за здравствена заштита со кои сите пациенти наместо да бидат „врзани“ за факсимилот на лекарот ќе ѝ припаѓаат на матичната ординација. Незадоволни се, како што велат, и од недостигот на поддршка во примарното здравство во текот на целата пандемија
Матичните доктори и докторите специјалисти од секундарното здравство, од Здружението на приватни лекари утре повторно ќе протестираат на истиот начин како и на 18 февруари – нема да работат со пациенти закажани преку „Мој термин”, туку ќе примаат само итни случаи.
Протестот се случува две недели откако заедно со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски објавија дека се договориле за решение на нивните барања.
Но, до денес тие не се повикани за да се формираат работни групи, кои ќе работат на проблематиката. Рокот од две недели истече денеска напладне.
„Бидејќи никој од надлежните не ни се јави ние се решивме повторно на мирен протест“,
најави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на ЗПЛМ.
Ваквата одлука ја донел Управниот одбор на ЗПЛМ, одржана во неделата, кога се договориле да чекаат до денеска напладне, во спротивно повторно да протестираат како пред две недели..
Од Здружението велат дека на состанокот пред две недели ги определиле точките по кои ќе работат работните групи, односно кои ќе бидат со Министерството за здравство, а кои со Фондот за здравство. Приоритет е зголемување на вредноста на капитацијата и режимот на лекови, за кои им било ветено.
„Приватното здравство две недели им остави на надлежните како што беше заеднички договорено, да се формираат работни групи и да започне со ветените реформи, затоа што незадоволството на приватните лекари е големо. Но, за две недели ништо не се случи. Целта на мирниот протест е да го задржиме вниманието на здравствените власти за сериозноста на проблемот“,
вели д-р Чолакова Дервишова.
Матичните лекари бараат да се подигне цената на капитацискиот бод по пациент, за која беа ветени 95 денари, како и измени на Законот за здравствена заштита со кои сите пациенти наместо да бидат „врзани“ за факсимилот на лекарот ќе ѝ припаѓаат на матичната ординација. Незадоволни се, како што велат, и од недостигот на поддршка во примарното здравство во текот на целата пандемија.
На средбата пред две недели обете страни изразија задоволство и најавија дека проблемите наскоро ќе се решат.
„Навистина од 1 463 медицински тимови во примарната здравствена заштита, околу 500, односно една третина се на раб на егзистенција. Практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор/сестра“,
рече Рендевски и најави решенија за медицинскиот кадар да биде мотивиран, а во интерес на пациентите.