Од Здружението на приватни лекари на Македонија му порачаа на Управниот одбор на Фондот за здравство итно да свика седница и оваа одлука да ја отповика

Матичните лекари денеска во повеќе градови во земјава излегоа на протест за да го искажат револтот откако викендов добиле известување од ФЗОМ дека се казнети бидејќи издале повеќе лекови отколку што предвидуваат правилата.
Според д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија, кратењето по лекар би било еден до два отсто по доктор за тримесечие и вели дека револтот кај матичните доктори е огромен.
Таа му порача на Управниот одбор на Фондот за здравство итно да свика седница и оваа одлука да ја отповика.
Според неа, решението на проблемот е или буџетот да се зголеми соодветно на новите лекови кои се симнати на нивни режим или да се тргне буџетот и да се најде софтверско решение.
„Сето тоа затоа што во септември лани симнаа печат лек на наше ниво, а буџетот за пропишување на лекови не го променија. Затоа сметам дека сега Фондот за здравство и неговиот Управен одбор треба да ни излезат во пресрет, затоа што докторите постојат за народот, а народот мора да се лекува соодветно за патологијата, а ние на ниеден хроничен пациент не можеме да му скратиме терапија“,
вели д-р Чолакова Дервишова, пренесува МИА.
Таа смета дека ова се некои застарени договори и итно треба да се прави нов анекс, а воедно и да се разговара за покачување на бодот за капитација, што со години не е покачен.
„Втор проблем е што сите извештаи од специјалистички прегледи и слично, се бараат од матичните лекари. Тоа е еден голем трошок за нас, а парите што ги добиваме не се зголемуваат, што ни претставува проблем во функционирањето. Според нашите анализи, за да опстанеме, потребни ни се многу повеќе пари. Има многу заминувања на здравствен кадар, тешко се наоѓаат медицински лица. Ние сме спремни за работа електронски, хартијата да ја исфрлиме. Лекарите совесно си ја вршат професијата, понекогаш и на сопствена штета, само и само секому да се даде лек“,
рече доктор Љубомир Стефановски, матичен лекар и член на Управниот одбор на здружението и потпретседател во Лекарската комора за примарна здравствена заштита.
Тој додаде и дека има недостаток од лекови и оти решенијата во корист на здравството многу споро се носат.
„Апелираме тоа да биде побрзо. Кога подолго време не наидовме, барем, на знаци дека нешто ќе се подобри, решивме да обрнеме внимание дека сме во лоша ситуација“,
додаде Стефановски.
Доктор Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина, рече дека дури ни Катедрата по семејна медицина, за жал, досега, од Министерството, како специјализација по семејна медицина, воопшто не била ни признаена.
„Се ветуваше дека ние како специјалисти по семејна медицина ќе имаме поголеми ингеренции во однос на нашите пациенти, во однос на давање лекови и издавање на дијагностички процедури. Меѓутоа, тоа сѐ уште не е сторено. Затоа, упорно матичните бараат средба со правните служби, за промена на правните регулативи, што доведуваат до вакви небулози, подвлече таа, нагласувајќи дека бараат исто така и промена на казнените политики со кои се соочуваат, а, како што истакна, работат во корист на пациентите“,
рече таа.
Филип Дракалски, како млад доктор по општа медицина, рече дека за него е предизвик да ја работи оваа професија.
„Истовремено, сум ограничен при давањето на дополнителни упати за моите пациенти, за доиследување“,
рече тој, апелирајќи да се сврти вниманието кон младите доктори, кои можат да направат позитивни промени во општеството.
Убеден сум, додаде тој, дека можеме да направиме добри промени, само ако работиме сите заеднички на тоа.
Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во однос на реакцијата на матичните лекари ја истакнуваат целта за рационално препишување на лекови која е во сила повеќе од 10 години и поради која им се намалува дел од капитација, доколку некој од матичните лекари ја надмине таа цел.
Појаснуваат дека целта за рационално препишување на лекови е уредена со правилник каде што се дефинира обемот на лекови што може секој од матичните лекари да го препише сразмерно со бројот на пациенти кои ги има прикрепено и во него е дефиниран процентот на препишани рецепти за антибиотици, анксиолитици и останати лекови.
„Во моментов ФЗОРСМ прави пресметки и анализа за да види зошто е дојдено до оваа состојба и дали причините се објективни или субјективни и согласно добиените пресметки ќе постапи соодветно, како никој не би бил оштетен“,
додаваат од Фондот.