Обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, купувал мебел од „Зона мебел“, но ниту бил платен со компензација ниту со пари. Меѓутоа, во салонот била оставена гаранција, сведочеше управителката на „Зона мебел“, Лидија Младеновиќ, на денешното судско рочиште. Станува збор за кожена гарнитура и две фотелји, како и масичка.
Сведочењето за овие парчиња мебел беше последното со кое во овој дел од судскиот процес настапи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Од утре во судница треба да се презентираат материјалните докази кои се собрани во текот на истрагата, по што ќе следуваат сведоците и доказите предложени од адвокатите на Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
1ТВ ја купила гарнитурата што беше запленета кај Јанева?!
Младеновиќ, која денеска последна влезе во судница, во својот исказ кажа дека со 1ТВ склучиле договор за мебел вреден 296 илјади евра. Бидејќи станувало збор за висока сума, се договориле дел од неа да биде платен со компензација – реклама на телевизијата, а дел со пари.

„Договорот не беше испочитуван. Ниту компензацијата ниту другиот дел со плаќањето на рати. Се обидовме да исконтактираме и јас и татко ми, кој е сопственик на фирмата, лобиравме за да ни се плати, но се случуваше да ни кажат дека ќе биде платено или е платено, ама пари на сметка немаше“,
раскажуваше Младеновиќ.
Испратиле и опомени пред тужба, по што во салонот за мебел отишла девојка која преку принципот каса прими оставила околу 2.700 евра како гаранција дека 1ТВ ќе го плати мебелот.
Младеновиќ рече дека не знае за каде била наменета кожената гарнитура, двете фотелји и масичката, а за подигањето Јовановски инсистирал да го земат лично на 6 февруари 2019.
На управителката од „Зона мебел“ минатото лето во Обвинителството ѝ покаже фотографии од мебелот за да потврди дали станува збор за истиот што бил земен од салонот, што таа го потврдила. Меѓутоа, на денешното рочиште не стана јасно дали станува збор за мебелот кој беше запленет од домот на Катица Јанева. Нејзината адвокатка, Ирена Фрчкоска, во изјава за медиумите рече дека не знае дали станува збор за истиот мебел бидејќи допрва обвинителството ќе ги изведува материјалните докази.
И покрај тоа што и самата рече дека не знае дали е истиот мебел во прашање, во судницата Фрчкоска преку нејзините прашања го потенцираше моментот дека, сепак, во „Зона мебел“ биле оставени пари како гаранција.

Покрај од „Зона мебел“ денеска во судница сведочеше продавачка од „Пјер Карден“, салон за мебел и теписи. Меѓутоа, таа немаше многу што да каже за Бојан Јовановски освен дека бил во продавницата да разгледува и оти, колку што знае таа, тој оттаму купил само една ТВ-комода.
Лила Стојановска донирала пари, Мери Дика пасош за враќање данок
За парите кои ги добивал или трошел Јовановски, денеска сведочеа и други сведоци. Меѓу нив беше водителката Лила Стојановска која важеше за блиска пријателка на Боки.
Таа зборуваше за донација и пари кои ги дала на „БМЈ медиа груп“. Кога се отворала 1ТВ, рече водителката, дала 25.000 евра, а потоа и позајмица од 500.000 денари.
Зборуваше и за денот кога беше уапсен нејзиниот поранешен близок Боки 13, со кого рече повеќе не се пријатели.

„Јас бев во Турција претходно, комунициравме преку ‘Вибер’, ми кажа дека ќе одиме јас, тој, Сергеј и Анета Кочишки. Јас тогаш зедов пари со мене. Ја заборавив картичката, па се јавував кај син ми да ми префрли пари за да имам, меѓутоа Бојан организираше. Јас никаде не одам без пари. Се видовме вечерта пред одење само зошто претходно бев во Турција, Бојан кажа дека сè е организирано. Веројатно било платено однапред, па ако требало ние ќе сме дале после пари. Но тој одмор не се реализираше, како што е познато“,
рече Стојановска.
Мери Дика Ѓорѓиевска, која е пријателка на мајката на Бојан Јовановски-Боки 13 и е во кумство со обвинетиот, исто така денеска зборуваше во судница на слични теми. Како што рече, познато и од кажувањата на Јовановски дека тој заработувал пари од проекти, а за неговиот автомобил посочи дека знае оти е земен на отплата.

Обвинителката Гордана Смаќоска во испрашувањето се фокусираше и на патувањето во Милано на кое биле Дика, Боки и неговата мајка. Таму, рече сведокот, не знае што купувал Јовановски, но дека на враќање на нејзино име пополниле два формулари за поврат на данок.
„Се работи за два формулари за враќање данок, тоа е стока купена од Јасмина, мајката на Бојан. Ме замоли да го дадам пасошот да биде на мое име, и јас го дадов. Тоа се само два формулари, не се некои големи суми“,
рече Дика.
Јанева го одобрила пасошот на Камчев, на судот му оставила да одлучи за рокот
Единствениот сведок од вкупно петмината денеска кој ја тангираше Катица Јанева беше шефицата на нејзиниот кабинет во СЈО, Сања Димовска. Во својот исказ таа најмногу зборуваше за издавањето на времениот пасош на Орце Камчев, кој е осомничен во случајот „Империја“. Како што рече, се сеќава на периодот кога стигнало барањето, за што телефонски ја известила Катица Јанева бидејќи била отсутна од работа тие денови.

„Ми кажа да се даде позитивно мислење за патната исправа и јас ѝ пренесов на колешката која беше во тимот на Лиле Стефанова (обвинителката која го води предметот ‘Империја’). Тогаш специјалната обвинителка беше отсутна и во такви ситуации овластена за потпишуваше беше обвинителката Елизабета Јосифоска. Ѝ пренесов и неа“,
раскажуваше Димовска.
Откако барањето ѝ го предала на Јосифоска, таа потоа ја побарала телефонски Димовска бидејќи докуметнацијата не била комплетна.
„Тогаш ѝ се јавив уште еднаш на специјалната обвинителка, која ми рече ‘нека си остане така’. Потоа уште еднаш ја барав специјалната обвинителка, зашто требаше да прашам во однос на барањето времениот пасош да биде со важност од 8 месеци. Специјалната обвинителка ми рече да не се произнесуваме за рокот туку за тоа да одлучи судот. Истото ѝ го пренесов на Елизабета Јосифоска и тоа е сè што ми е познато“,
сведочеше Димовска.
Денешното рочиште беше деветто по ред. Што се случуваше на претходните осум можете да прочитате во сумираните извештаи на „360 степени“:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева
Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
Судење за „Рекет“ – „Прокуристот“ Боки 13 во улога на уредник и домаќин на политичари
Рустеми за „Поштенска банка“: Апсурдно беше да се затвори предметот со спогодба