Туристите што доаѓаат во Хонгконг, а не пристигнуваат од Кина, Макао или Тајван ќе треба да поминат две недели во карантин во хотел
Вчера во Хонгконг започна задолжителното масовно тестирање за ковид-19 за високоризичните групи, а оние што ќе одбијат да се тестираат се соочуваат со затворска казна до шест месеци.
Според казнената политика, доколку некој го одбие првото тестирање, се казнува со парична казна од околу 257 американски долари, а секое следно одбивање на тестирање ќе го чини парична казна од повеќе од 3 000 американски долари или шестмесечна затворска казна.
Владата во саботата објави нови мерки за спречување на она што Хонгконг го нарекува четврти бран на ширење на коронавирусот, што најмногу ги погаѓа лицата со висок ризик и секој што ќе дојде во контакт со нив. Поради тоа, владата донесе одлука секое такво лице да мора да се тестира.
Според новите правила, лекарите ќе можат да побараат од пациентите што имаат симптоми на болеста да бидат тестирани. Овој потег се должи на зголемувањето на бројот на увезени случаи на заразени со коронавирусот, како и на локалното ширење меѓу луѓето кои се епидемиолошки поврзани.
Од денеска услужните активности, кои неодамна продолжија со нормално работење, повторно ќе се соочат со ограничувања. Баровите, клубовите и рестораните ќе мора да го намалат капацитетот на пополнетост од 75 на 50 проценти и нема да им биде дозволено да работат по полноќ. Во барови и клубови на една маса ќе може да има максимум две лица, а во ресторани – четири.
Туристите што доаѓаат во Хонгконг и не пристигнуваат од Кина, Макао или Тајван ќе треба да поминат две недели во карантин во хотел.