При влез на фестивало, организаторите бараат доказ за вакцинација или негативен ковид-тест за невакцинираните, кои мора да носат маски
Со десетици илјади посетители денеска започна „Лолапалуза“ еден од најголемите музички фестивали во САД, додека здравствените експерти во земјата во настанот гледаат голема опасност, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Градските власти до последен момент, до мај, не знаеја дали да се одобри, но, сепак, решија фестивалот да оди во полн формат. Експертите стравуваат дека фестивалот може да биде место за ширење на ковид-19 во тесно насобраните големи групи пред сцените.
Четиридневниот фестивал се очекува да биде најмасовно посетен настан во САД по избувнувањето на пандемијата лани. На настанот, кој се одржува во чикашкиот Грант парк, ќе настапат 170 музички бендови на осум сцени и се очекува да дојдат околу 100 000 посетители.
При влез организаторите бараат доказ за вакцинација или негативен ковид-тест за невакцинираните. Невакцинираните мора да носат маски.
Загриженоста кај градските власти е поголема со ширењето на делта-сојот, што може лесно да се појави во вакви масовни собири, без разлика што се на отворено.
Летните музичи фестивали беа целосно одминати во САД во екот на пандемијата лани, но за радост на многумина ова лето повторно се организираат со зголемениот број вакцинации и олабавените мерки во повеќе држави. Сепак, експертите предупредуваат дека поотпорниот делта-сој, кој се појави во сите 50 држави, може лесно да избувне во масовно посетените концерти.
Постои загриженост дека посетителите на концертите нема да го држат потребното физичко растојание кога се прават големи метежи и кога сите танцуваат, пеат или пијат. Ризици постојат на места како влезови, чекање пред тоалети или местата најблиску до сцената каде луѓето се собираат во мошне тесен простор и се туркаат еден со друг.
Лори Лајтфуд, градоначалничката на Чикаго, на Твитер порача : „Сакаме да се забавувате, но ве молам почитувајте ги правилата и условите и продолжете да го заштитувате Чикаго“