Омерагиќ е избран со акламација, како единствен кандидат на вонредното собрание
Вети дека ќе ги врати легендите во структурите на македонскиот фудбал и вети нулта толеранција за корупцијата во фудбалот
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го избра Масер Омерагиќ за нов претседател. Изборот се одржа на вонредно собрание, по оставката на неговиот претходник Муамед Сејдини.
Омерагиќ е стопанственик и поранешен фудбалер на Вардар и на Слога Југомангат. Тој беше и еденствен кандидат за позицијата на вонредното собрание кое се одржа во Скопје.
„Јас сум човек од фудбалот, еден од вас и знам во која насока треба да го развиваме македонскиот фудбал. Како и во фудбалот, ова е тимска работа, во која треба многу трчање и многу пот за да се постигнат целите. Со работа започнуваме веќе од утре. Имам неколку клучни точки кои ќе ги применам во мојот мандат и пред сè враќање на легендите во структурите на македонскиот фудбал“,
изјави Омерагиќ, најавувајќи притоа нулта толеранција за корупција во фудбалот, пренесе МИА.
Вонредното собрание на кое е избран Омерагиќ следи по оставката на неговиот претходни, Муамед Сејдини. Тој се повлече од функцијата минатиот месец, четири месеци пред да му истече вториот мандат на чело на ФФМ.
Уште пред Сејдини да ја даде својата оставка, зад Омерагиќ застанаа неколку големи фудбалски имиња во земјава, како Горан Пандев, Илија Најдоски, Агим Ибраими, Гоце Седлоски и Ѓорги Христов.
Омерагиќ е седмиот претседател на ФФМ, по Алексо Кипровски, Љубисав Иванов, Ламбе Арнаудов, Харалампие Хаџи – Ристески, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини. Изборот на Омерагиќ на вонредното собрание преку свои претставници му го честитаа УЕФА и ФИФА.