Социјалдемократската младина на Македонија на денешната дигитална Конференција, едногласно го избра Марко Михаилоски за нов претседател.
„Ќе бидам претседател на сите и за сите.Ќе работиме за младите, но и за сите наши граѓани. Како дел од партијата која ја внесе оваа држава во НАТО и која ја донесе пред вратите на ЕУ, како дел од партија која ја намали младинската невработеност, го подигна ученичкиот и студентскиот стандард, имаме и право и чист образ да тропнеме на вратата на секое семејство, да ја побараме поддршката од секој млад човек и тоа и ќе го сториме. Приоритетна цел и на партијата и на СДММ е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина“,
порача Михаилоски.
На Конференцијата, покрај изборот на претседател беа избрани и членови на Надзорниот и Централниот одбор на СДММ.
„СДСМ постојано се менува но СДСМ постојано се грижи за младите, ги вклучува во реализација на успешни младински политики и затоа ја има поддршката од граѓаните, од младите. Во периодот што следува СДММ продолжува да биде важен дел од СДСМ, креатор на квалитетни младински политики кои го унапредуваат квалитетот на живот на сите граѓани“,
се вели во партиското соопштение.
На Конференцијата говор имаше и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој се осврна на досега остварените резултати во делот на младинските политики и ги повика младите да се вклучат во процесот на создавање реформи кои ќе го унапредат квалитетот на животот на младите.
„Во тоа, многу ќе помогнат и статутарните измени кои предвидуваат за прв пат во историјата на партијата, Социјалдемократската младина на Македонија да се регулира како трајна и статутарно предвидена форма на организирање. Тоа значи дека вие, младите ќе учествувате во работата на извршните органи на партијата, со право на глас, на сите нивоа соодветно. И на тоа не гледајте како на привилегија, туку како на одговорност, како можност уште повеќе да се вложите во процесите што ја водат државата напред, по европскиот, по вистинскиот пат“,
порача Николовски.