Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци се делата за кои се гони сопственикот на парапорталот „Доказ“, но неговата одбрана смета дека, без разлика дали тоа што тој го објавувал некому му се допаѓа или не, тука немало кривична одговорност туку само вербален деликт

Марјан Стаменковски сопственик на парапорталот „Доказ“ не признал вина за петте кривични дела за кои го гони Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, а неговата одбрана смета дека во случајот воопшто нема основа за кривичен прогон туку тоа што тој го правел било само вербален деликт.
„Доказната постапка продолжи со испитување на оштетените, тоа значи дека обвинетиот не призна вина, тој смета дека не е виновен за ова и дека се работи за вербален деликт, а не и за кривична одговорност. Се надеваме дека во текот на постапката и ќе го докажеме тоа“,
изјави еден од неговите адвокати, Коста Нојков.
Тој вели дека очекува неговиот клиент да добие ослободителна пресуда.
„Нашите очекувања се дека ќе добиеме ослободителна пресуда бидејќи ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без оглед дали она што го пишува Марјан некому му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност и дали има или нема извршување на кривично дело“,
рече адвокатот.
Денешното рочиште следува откако минатонеделниот обид за почеток на судската постапка се одложи бидејќи одбраната бараше предметот да му се додели на обвинител од некое обвинителство од друг град бидејќи ОЈО Скопје во случајот се јавува како оштетено со оглед дека меѓу жртвите на обвинетиот се и истражители ангажирани во истражниот центар на скопското обвинителството.
Меѓутоа, Вишото јавно обвинителство Скопје го одби барањето и денеска судскиот процес продолжи со испитување на оштетените.
Судскиот процес се одвива зад затворени врати откако судот го прифати предлогот на обвинителката Зорица Павловиќ која бараше јавноста да биде исклучена од причина што се работи за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.
Како оштетени се јавуваат новинарки, свештени лица, истражители, една телевизија и уште едно лице. Тие очекуваат со овој процес да се направи разлика дека тоа што го прави Стаменковски преку „Доказ“ не е новинарство и да се знае кои се новинари, а кои рекетари.
„Очекувам да биде задоволена правдата и редно време е во државата да се стави крај и да се знае кои се новинари, а кои рекетари. Со оглед на тоа што за мене е излезен цел серијал текстови во кои не би сакала да навлегувам за што се работи затоа што беше засегнато и моето семејство, но мислам дека редно е после толку долго време и уништени и срозени семејства од Стаменковски да се стави еден крај и да биде задоволена правдата и да се знае дека не може во државата да пишува кој што ќе му текне, да те понижува“,
изјави по минатото рочиште новинарката Ирена Мулачка, една од оштетените во случајот.
Нејзината колешка Валентина Вурмо, која исто така е оштетена, пак, тогаш порача дека очекува многу повеќе од вториот предмет за Стаменковски што го отвори ОЈО Скопје, односно од него да се дознае кои се нарачателите и посредниците за навредливите текстови кои се објавуваат на порталот „Доказ“.
„Неколкумина сме во улога на оштетени, меѓутоа оштетени се бројат многу повеќе и очекувам дека конечно со ова ќе се добие правдата и ќе откријат натрапниците кои се во нашата професија и конечно ќе се поделиме на професионални новинар и на самонаречените новинари. Меѓутоа, повеќе очекувам од вториот предмет кој скопското обвинителство го отвори за овој случај бидејќи таму очекувам да се изнесат детали и докази кој ги правел нарачките на лажните текстови, кој учествувал во подготовката и посредниците и нарачателите да седнат на обвинителна клупа“,
рече Вурмо.
Судијка во овој предмет е Марија Клетничка-Марковска. Тој беше отворен по кривични пријави што ги поднеле дел од жртвите на Стаменковски за кои преку текстови објавени на неговиот парапортал биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал се ширела омраза, ксенофибичен и расистички материјал, како и лице кое Стаменковски го уценувал да му даде пари или ќе објави информации со кои ќе му го наруши угледот.
Петте кривични дела опфатени со обвинителниот предлог за Стаменковски се: две за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Во врска со делата ширење расистички и ксенофобичен материјал, според обвинението, тој се товари дека едното ги направил со објавување текстови за двајца свештеници и за две новинарки. ОЈО Скопје наведе дека во текстовите за свештениците било наведувано дека тие се поврзани со домашни и странски тајни служби и се упатувале заканувачки зборови со кои се поттикнувал народот да ги протера од манастирот во кој тие служеле.
Другото, пак, е поврзано со навредливи текстови за две новинарки чија цел, според пријавата, била тие да се заплашат и да не објавуваат текстови во медиумот каде работат.
За делото уцена, според информациите од ОЈО Скопје, оштетено лице било контактирано од Стаменковски кој го повикал на средба за му побара пари во замена да не објавува приватни фотографии и информации за него. Оштетениот одбил средба, па на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за жртвата.
За пиратерија на аудивизуелно дело, пак, тој се гони врз основа на пријава од телевизија која имала ексклузивни права за одредена содржина која обвинетиот ја објавувал на својот портал и овозможил нејзино неограничено прикажување.
Во целиот овој случај, ОЈО Скопје наведе дека е вмешана и една истражителка од МВР која била ангажирана во обвинителскиот Истражен центар. Тој контактирал со неа и се обидувал да дознае информации за предмети по кои се постапува вклучително и за неговиот. Од приватната комуникација со истражителката, тој објавувал лични податоци и фотографии за четворица други истражители ангажирани во ОЈО Скопје поради што сега се товари и за делото злоупотреба на лични податоци.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.