Треба јавноста да ја знае политичката позадина на овој инцидент, некој може и да го гледа и како меѓувмровска пресметка на едно и друго крило од истата организација, но тоа ќе им припадне на институциите да утврдат кои се мотивите за овој напад, кое е политичкото изјаснување на сите учесници во овој напад бидејќи и тоа е во крајна сметка важно за нашата јавност пред се, а потоа и за Бугарија и ЕУ, рече вицепремиерот за европски прашања

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ попладнево на седница за пратенички прашања во Собранието кажа дека државата во моментот кога се случи инцидентот со Кристијан Пендиков од Охрид изреагирала како што доликува на европска, современа и демократска држава, а институциите дејствувале многу ефикасно изминатиот период и правната постапка веќе е во одмината фаза.
„Упасени се и двајцата сторители на овој случај, едниот Илија Спасески со бугарски пасош на кого му е одземен бугарскиот пасош, и така е пуштен после триесетдневниот притвор, вчера се предаде и лицето Б.А. од Битола, толку е објавено во јавноста, па толку можам да кажам, кое исто така е идентификувано како учесник во овој напад. Пред една недела ОЈО Охрид објави дека бара од Бугарија да се обезбеди можноста да биде испитан Пендиков за да може овој случај да се расчисти до крај и што е уште поважно да ја видиме политичката позадина на целиот овој случај“,
рече Маричиќ.
Според него, „не треба да се занемари фактот дека Пендиков бил активист на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Имаме слики од него и изјави кои ги давал за медиумите за време на вашите протести кога навидум „ја спасувавте Македонија“ од нас или од власта во 2017 година, а всушност се спасувавте себе си. Имаме изјави од Пендиков како не сака да чуе за Бугарија и дека само ВМРО-ДПМНЕ го интересира. Мислам дека ќе биде интересно за јавноста на крајот да не испадне дека и напаѓачите се ваши активисти и членови, а и овој нападнатиов е во најмала рака ваш поранешен член. Треба јавноста да ја знае политичката позадина на овој инцидент, некој може и да го гледа и како меѓувмровска пресметка на едно и друго крило од истата организација, но тоа ќе им припадне на институциите да утврдат кои се мотивите за овој напад, кое е политичкото изјаснување на сите учесници во овој напад бидејќи и тоа е во крајна сметка важно за нашата јавност пред се, а потоа и за Бугарија и ЕУ“,
нагласи Маричиќ.
Ние на нашите граѓани, додаде тој, треба да им одговориме кој ги прави овие инциденти, кој внесува или се обидува да внесе немир меѓу граѓаните и жестоко да се спротивставиме на тоа.
„Како Влада и како партија секогаш жестоко сме се спротивставувале на сите видови бугарски провокации тука и порано и сега. Должни сме да кажеме и да потсетиме дека на 4 февруари, со сериозна, одлучна и организирана акција на сите наши институции спречивме да се случи еден инцидент во огромна пропорција што можеби некои радикални структури од двете страни на границата го посакуваа“,
истакна Маричиќ.
Тој уште еднаш повтори дека како Влада нема да дозволат промашени, потрошени и заминати политичари да профитираат од однесувањето на граѓаните.
„Нема да дозволиме на ниту еден бугарски политичар, особено не на оние кои се докажани противници на нашата земја, како што е Ангел Џамбаски, да си најдат овде пандан со кој ќе профитираат на грбот на страв на граѓаните и ќе произведуваат страв бескрајно. Без провокации и страв не постојат тие политички структури“,
истакна Маричиќ.