Измените на Законот за безбедност во патниот сообраќај, со кои беше продолжена важноста на возачките дозволи со старото уставно име до крајот на годината, биле направени, како што кажа вицепремиерот, само за домашна употреба
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ вечерва најави дека во јуни треба да пристигне нова пратка од 300 000 обрасци за пасоши, а до септември да бидат издадени околу 1 900 000 патни исправи со новото уставно име, со што, според него ќе се заокружи процесот на замена на овие документи.

Маричиќ ова го кажа во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма, во кое говореше и измените на Законот за патни исправи што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ кои, како што кажа, само ќе внесат правна несигурност и може да им предизвикаат проблеми на граѓаните.
Вицепремиерот рече дека земјава никого не известила дека дека патните исправи со старото уставно име повеќе не важат, туку едноставно стапиле на сила роковите од Преспанскиот договор.
„Ние треба да гледаме од аспект на граѓаните. Со законот (за патни исправи н.з.) само дополнително се внесува правна несигурност и проблеми на границите може да имаат граѓаните“,
изјави Маричиќ.
Говорејќи во таа насока, според вицепремиерот за европски прашања, за граѓаните при нивното враќање во земјава најсигурно е тоа да го направат со патен лист, бидејќи така никој нема да им прави проблем.
Во врска со динамиката на издавање на пасоши со новото уставно име, Маричиќ реќе дека според статистичките податоци, досега имаме издадено околу 1 350 000 пасоши.
„Овој месец заклучно со оваа недела се пристигнати речиси 300 000 нови обрасци. Тие обрасци обезбедуваат една динамика да се печатат пасоши до јуни. Тоа значи дека на 1 350 000 ќе се додадат уште 300 000. Во јуни пристигнува нова тура обрасци од околу 300 000 и практично до септември ќе се издадат околу 1 900 000 пасоши, што е и вкупниот број на граѓани, бидејќи пасоши не вадат сите и не се заинтересирани сите да имаат пасоши“,
рече Маричиќ во интервјуто.
Вицепремиерот вели дека не му е помило строгото спроведување на Преспранскиот договор, но, како што додаде, ниту една држава освен Швајцарија досега не испратила писмено известување дека нашите граѓани може да ја напуштат државата со пасоши со старото уставно име (Република Македонија).
Тој повтори дека во три соседни држави (Србија, Албанија и Косово) може да се патува само со лична карта со старото име, додека Босна и Херцеговина (БиХ) и Црна Гора дозволуваат движење само со нова.
Измените на Законот за безбедност во патниот сообраќај, со кои беше продолжена важноста на возачките дозволи со старото уставно име до крајот на годината, биле направени, како што кажа вицепремиерот, само за домашна употреба.
„Измените што ги направивме за возачките и за сообраќајните дозволи, се исклучиво со намера за домашна употреба, да го намалиме притисокот, односно да има доволно време, затоа што дневниот притисок не е ист како за пасошите, не патуваат толку голем број граѓани надвор од државата, колку што возат автомобил, и не можеме да ги споредуваме“,
рече Маричиќ, посочувајќи дека законските измени за нив се од практични причини за да може д се стигне до крајот на годината да се заврши со процесот на ниван замена.