Главниот преговарач и вицепремиер Бојан Маричиќ изрази уверување оти сите разбираат дека процесот на вклучување на Северна Македонија кон ЕУ е со цел подобар живот за граѓаните. Порача дека овој процес не е лесен и бара голема политичка волја, но како што рече, носи европски стандард за граѓаните и става крај на неизвесноста за просперитетот и стабилноста на државата
Имаме капацитет и можеме да одговориме на предизвиците кои ги носат преговорите, за граѓаните час поскоро да ги почувствуваат придобивките од процесот, порача главниот преговарач на земјава со Европската Унија и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ во денешното обраќање на првиот билатерален скрининг, пред Европската комисија.
Тој изрази уверување оти сите разбираат дека процесот на вклучување на Северна Македонија кон ЕУ е со цел подобар живот за граѓаните. Порача дека овој процес не е лесен и бара голема политичка волја, но како што рече, носи европски стандард за граѓаните и става крај на неизвесноста за просперитетот и стабилноста на државата.

На почетокот на билатералниот скрининг кој започна денеска со состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, Маричиќ информираше за досега сработеното во областа на јавните набавки – од аспект на реформи и од аспект на правната рамка во областа, подвлекувајќи дека тие се од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.
„Јавните набавки се клучен столб за испорака на услуги за владите. Добро дизајнираните системи за јавни набавки придонесуваат за постигнување на итни политички цели како што се заштитата на животната средина, иновациите, отворањето работни места и развојот на малите и средни претпријатија, а тоа е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина“,
рече Маричиќ.
Во однос на институционалната архитектура, Маричиќ посочи дека Бирото за јавни набавки, формирано во рамките на Министерството за финансии во 2005 година, е главниот орган на системот за јавни набавки во земјата, како и Државната комисија за жалби.
Во областа на концесиите и јавно-приватното партнерство, вицепремиерот истакна дека со техничка помош на Светска банка е подготвен нацрт-закон за транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување на договори за концесија, а исто така, подготвен е предлог Закон за концесии на стоки од општ интерес со техничка помош од твининг проектот на ЕУ „Зајакнување на функциите за планирање, извршување и внатрешна контрола на буџетот“.
На билатералниот скрининг состанок присуствува и заменик-главниот преговарач и државен секретар Дрита Абдиу Халили, како и претставниците на Работната група за ова поглавје од Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби за јавни набавки, Министерството за одбрана, Државната комисија за спречување на корупцијата и Секретаријатот за европски прашања.
Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки, а работната група е предводена од државниот советник во Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски.
На 14 и 15 ноември, во Луксембург, продолжуваат билатералните скрининг состаноци за Поглавје 18, „Статистика“.