Според вицепремиерот Маричиќ, кој е и главен преговарач со ЕУ, напредокот во областа на владеење на правото ќе биде јасен показател за текот на преговарачкиот процес. Македонскиот преговарачки тим и тој, како поранешен министер за правда, додава вицепремиерот, одлично го знаат предизвикот кој ќе го имаат во ова поглавје
Институциите и администрацијата имаат мотивација, а Владата има политичка волја за да продолжат реформите во правосудството што ќе обезбедат судски систем кој ќе функционира по европски стандарди, напиша на својот Фејсбук профил вицепремиерот Бојан Маричиќ по последниот објаснувачки состанок од Кластерот „Темели“ посветен на поглавјето „Правосудство и фундаментални права“ што се одржува во Брисел.

Според вицепремиерот Маричиќ, кој е и главен преговарач со ЕУ, напредокот во областа на владеење на правото ќе биде јасен показател за текот на преговарачкиот процес. Македонскиот преговарачки тим и тој, како поранешен министер за правда, додава вицепремиерот, одлично го знаат предизвикот кој ќе го имаат во ова поглавје.
„Направивме поместувања во функционирањето на правосудниот систем, но ова е област во која ќе имаме уште работа и која секогаш има простор за подобрување“,
посочи Маричиќ, додавајќи оти експертизата, препораките и советите кои ги слушнале македонските работни групи од Европската комисија ќе бидат добар водич во подготовките за билатералниот скрининг за Поглавјето 23 – „Правосудство и фундаментални права“.
Со денешниот објаснувачкиот состанок за за Поглавјето 23 – „Правосудство и фундаментални права“ во Брисел, е заокружен објаснувачкиот скрининг за Кластерот 1 – „Темели“, соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП). Во ноември и декември годинава, пак, ќе се одржат билатералните состаноци за поглавјата и областите од овој Кластер.
„Овој кластер важи за најважната област во процесот на преговори со Европската Унија, имајќи предвид дека содржи поглавја поврзани со демократските институции, владеењето на правото, политичките и економските критериуми, реформата на јавната администрација, јавните набавки, финансиската контрола и статистиката. Од постигнувањето на потребниот напредок во овој кластер ќе зависи отворањето на други кластери“,
додаваат од СЕП.
Скрининг процесот продолжува со објаснувачките состаноци за поглавјата од Кластер 2 – „Внатрешен пазар“, кои ќе започнат во првата половина на месец октомври.