„Сега треба да си кажеме сите дека е реално и членството на ЕУ, но само ако работиме на него. И, да продолжиме со притисокот и кон Брисел и кон државите членки, дека мора да испорачаат членство за оние кои ќе бидат спремни во 2030-та. Да заклучам, во 2030-та сигурно ќе има прием на нови членки“, вели вицепремиерот
Во 2030-та сигурно ќе има прием на нови членки. Наше е одлуката, прашањето, дилемата, дали ќе бидеме меѓу тие нови членки на бината и ќе потпишуваме договор за пристапување или ќе бидеме во публика, ќе се радуваме затоа што некои наши соседи ќе бидат во ЕУ, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“, кој е во работна посета во САД и учествува на конференцијата „Европски сон 2024: Континент на крстопат“ на Универзитетот „Харвард“ во Кембриџ во интервју за „Гласот на Америка“.

Според него, 2030 е релна можност за која владата се бори долго време и дека само од нас зависи дали ќе успееме да ја оствариме.
„2030-та е реална можност. Тоа не е датум, кој ни е даден како гаранција, туку како можност. Ние се боревме долго време, еве, оваа влада се бори седум години, и успеа да добие од ЕУ индикативен датум како можност за членство во 2030-та. Тоа го кажа претседателот Шарл Мишел. Зошто е тоа важно? Ако ние за година и пол завршивме еден скрининг-процес којшто во Србија и Црна Гора траел две и пол години, тогаш сум сигурен дека преговорите можеме да ги завршиме за четири години. Затоа мислам дека во наредниот мандат на наредната влада, на проевропската влада, е всушност во четири години да ги завршиме овие преговори“,
вели вицепремиерот.
Според него, ако наредната влада со овој коалициски состав ги заврши преговорите до крајот на 2028 година, вели дека реално е да се очекува дека 2030-та ќе биде година на нашето членство.
Прогнозира дека е потребно една до една и пол година за ратификација на Договорот за пристапување.
Дали ќе стасаме до 2030-та на бината за прием на нови членки, зависи пред сè од нас, или ќе ги гледаме проблемите на начин на којшто сакаме да ги завршиме или ќе ги гледаме на начин како можност за никогаш да не ги решиме и како можност за популизам и национализам. Ние сметаме дека е многу важно конечно да излеземе од онаа долга и тешка транзиција, да им понудиме на новите генерации нова политика и нови можности, и да дојдеме до посакуваната точка на членство во ЕУ. Членството во НАТО го имаме веќе четири години и ни носи многу придобивки. Сега треба да си кажеме сите дека е реално и членството на ЕУ, но само ако работиме на него. И, да продолжиме со притисокот и кон Брисел и кон државите членки, дека мора да испорачаат членство за оние кои ќе бидат спремни во 2030-та. Да заклучам, во 2030-та сигурно ќе има прием на нови членки. Наше е – одлуката, прашањето, дилемата, дали ќе бидеме меѓу тие нови членки на бината и ќе потпишуваме договор за пристапување или ќе бидеме во публика, ќе се радуваме, затоа што некои наши соседи ќе бидат во ЕУ“,
рече Маричиќ.
Маричиќ во коментар на актуелната политичка состојба во земјава, за тоа дали внатрешниот раскол во владејачката Алијанса за Албанците може да се одрази врз раситнување на владејачкото мнозинство, вели дека не очекуваат такво нешто, но дека е потребно пред почетокот на кампањата секој да се позиционира соодветно.
„Тешко е да сакате да бидете дел од владата и од владејачката коалиција, а во исто време да тврдите дека сте во опозиција. Затоа сметам дека е добра прилика за секого, во наредните денови, пред почетокот на кампањата да се позиционира соодветно. Мислам дека ќе имаме интересна кампања која треба на граѓаните да им донесе нова вредност, но и стабилен курс на движење кон европските интеграции“,
вели тој.
На новинарско прашање дали иницијативата за донесување на Законот за рестриктивни мерки за лицата и субјектите што се ставаат на „црната листа“ на САД, да одговараат и пред македонските инстируции, ќе има опипливи резултати, Маричиќ вели дека САД и Северна Македонија заедно работат на борбата против корупцијата, како и дека тоа е целта со овој закон – оние укажувања од САД да добијат институционална форма и кај нас, но со почитување на сите човекови права.
„Владата во последните месеци направи интензивен напор, и со овој закон и со полициската акција во Грчец и со случајот со Онкологија, коишто ги поддржуваат три четвртини од јавноста, да покаже на дело дека навистина има политика волја за борба против корупцијата и организираниот криминал. Исто така овој закон за рестриктивни мерки го бараат и граѓаните, во огромно мнозинство, и владата сака да покаже дека заедно со поддршка од граѓаните, е подготвена да го спроведе овој закон. Сите оние лица за коишто нашиот стратешки партнер САД ни укажал и се ставени од некоја причина на ‘црната листа на САД’, ќе бидат разгледани од нашите институции без никакво прејудицирање за исходот на постапката“,
вели вицепремиерот.
