Во врска со денешното чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кое помина во најдобар ред, без никакви провокации и инциденти, Маричиќ потенцира дека името и делото на Гоце доликува да се слави достојно
Нема никакви проблеми во функционирањето на техничката влада и очекувам така да остане до крајот на мандатот, односно до почетокот на изборите, изјави денеска првиот вицепремиер задолжен за европски прашања во техничката влада, Бојан Маричиќ.
Според него, веќе е одржана една седница и конституирани се владините тела.
„Се очекува во вторник да има можеби повеќе од една седница и да биде усвоен законот за рестриктивни мерки“,
истакна Маричиќ по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Во врска со денешното чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кое помина во најдобар ред, без никакви провокации и инциденти, Маричиќ потенцира дека името и делото на Гоце доликува да се слави достојно.
„Драго ни е што нема провокации годинава, името и дело на Гоце доликува да се слави без конфликти и злоупотреба“,
нагласи Маричиќ.
Од Владата минатата недела информираа дека предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини. Тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.
Од Министерството за правда информираа дека министерот Кренар Лога ја поздравил одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.
Од Правда посочија дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија.