Опозицијата има право да протестира кога сака и каде сака. Тоа е плод на нашата демократија. Но, во секоја пристојна демократија новата влада добива 100 дена простор да ги започне своите политики, а опозицијата да се консолидира по поразот на изборите, вели новиот министер за правда Бојан Маричиќ за Дојче веле.
„За да ги избегне повиците за негова оставка и да ја дефокусира дискусијата за негова одговорност, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски излегува со сценарио за протести со кое бара правда“,
вели Маричиќ.
Според него, оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ покажала дека не е заинтересирана за правда и реформи во правосудството.
„Парадоксално е оваа структура на ДПМНЕ да бара правда со куп судски процеси. За повиците за правда, имам впечаток дека тропаат на отворена врата: имаше три години господинот Мицкоски подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството и за донесување правда. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ состави преговарачки тим кој во голема мера содржеше лица со обвиненија, или под истрага на обвинителството, или нивни адвокати, токму со цел да ја спречат правдата и да ги прикријат злоделата од режимот на Груевски. Колкумина од оние што протестираа сѐ уште се обвинети или осудени за корупција? Дали видовме едно дело или збор со кое Мицкоски се огради или дистанцираше од практиките на заробената држава или само верно ги продолжи?“,
прашува министерот за правда во изјава за Дојче веле.
Од опозицијата, пак, не веруваат во ветувањата за прочистување на судството.
„Правосудниот систем е уништен. Заев и неговите партиски послушници кои управуваат со правосудните органи наместо да носат правда, носат неправда врз обичниот граѓанин. Наместо слепа правда, гледаме слепи правосудни инстанци кои не сакаат да ги гледаат фактите при носење на пресуди и одлуки“,
обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
