Подобар Договор од овој што го имаме не може да се постигне и тоа е Договор со кој сме во поволна позиција, од која може лесно и безболно за нашите национални интереси да се поентира и да се загарантира европската перспектива, вели вицепремиерот Маричиќ
Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ праксата покажува дека времето не работи во корист на државата кога таа е надвор од процесот. Колку повеќе чекаме, повеќе и сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија, вели Маричиќ во интервју за „Рацин.мк“ и додава дека не треба да дозволиме да го комплицираме процесот сега кога, како што вели, патот ни е јасно поставен пред нас.
„Договорот не е направен по ‘бугарски диктат’. Напротив, сме постигнале Договор со кој сме го извлекле максимумот и кој сме го преговарале во наша полза, со што успеавме да ги ставиме во една рамка барањата и обврските од двете страни, и македонските и бугарските“,
вели тој.
Маричиќ додава дека нашата Преговарачка рамка го заштитува македонскиот јазик, идентитетот, со што, вели, успеавме бугарските прашања да не станат европски и да не ја доведуваат во прашање европската иднина на Северна Македонија.
Обврските, како што вели Маричиќ, се опишани во Преговарачката рамка и тоа се обврски што се прифатени за достигнување на стратешката цел до 2030 година, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Според вицепремиерот, главните барања во договорот се исполнети и затоа не постои ниту еден аргумент дополнувањето на македонскиот Устав да се нарекува бугарски диктат. Маричиќ вели дека тоа е европски предлог зад кој цела ЕУ никогаш повторно нема да застане заедно затоа што, како што вели тој, во Унијата има турбулентни процеси и европски избори следната година.
Маричиќ е дециден дека подобар Договор од овој што го имаме не може да се постигне и тоа е Договор со кој, како што вели, сме во поволна позиција од која може лесно и безболно за нашите национални интереси да се поентира и да се загарантира европската перспектива. Тоа, вели Маричиќ, цела ЕУ ни го кажува, тоа го знаеме и ние самите и секој што вели поинаку, не сака да ја види нашата држава во ЕУ.
„На ВМРО-ДПМНЕ многупати досега им е кажано од страна на нашите европски пријатели, високи претставници од државите членки на ЕУ, дипломатите во земјава, европратениците, дека Преговарачката рамка не може да се репреговара и дека не е можен нов Договор“,
истакнува Маричиќ.
Репреговарање на рамката која е веќе договорена и усвоена лани, на првата Меѓувладина конференција, Маричиќ вели дека не може да има и не можеме да ја менуваме.
„Дури и да замислиме дека тоа е можно, нема да биде подобра од оваа, бидејќи не се исти ниту атмосферата ниту околностите сега, а и барањата на Бугарија сигурно нема да бидат истите. Треба да бидеме искрени и реални дека немаме друга можност освен оваа, која ни овозможува преземените обврски да ги реализираме на реципрочна основа, со меѓусебно разбирање, толеранција и разумни компромиси, кои не задираат во нашата историја и идентитетски обележја“,
додава вицепремиерот Маричиќ.