По вицепремиерот за европски прашања, на ред дојдоа и вицепремиерот за спречување корупција и министерот за правда, а овој пат причина е извештајот на „Транспаренси“
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација против вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски и против министерот за правда Бојан Маричиќ, поради 111 место за Северна Македонија на листата за перцепција на корупција на „Транспаренси“.
Ова го најави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Владо Мисајловски, кој бара и оставки од двајцата членови на Владата.
„Во земја каде што функционери се однесуваат како мафијаши и за тоа поминуваат неказнето, не може да дојде ниту еден странски инвеститор, напротив сите тие ќе бегаат подалеку. Вклучен е црвениот аларм одамна. Потребни се оставки, првин од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата, туку истата е засилена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ“,
рече Мисајловски.

„Партизираната администрација, политизираното обвинителство и заробеното судство го испорачаа својот данок“, вели Мисајловски
Кон крајот на минатата година, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе првата интерпелација против член на новата влада на СДСМ и на ДУИ, односно против вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, поради блокадата од Бугарија.
Интерпелацијата е на дневен ред на една од седниците на Собранието кои се почнати, но не се завршени, главно, поради проблемите со кворумот со кои се соочува мнозинството, за што придонесуваат и опструкциите од опозицијата.
Според собранискиот Деловник, интерпелација може да постават најмалку пет пратеници за работата на носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи. Функционерот на кој му е поднесена интерпелација има право да достави писмен одговор до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата.
Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој Деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. Претресот по интерпелацијата трае еден работен ден – до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ.