„Добрососедските односи ги руши единствено ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние основачи, палачи, растурачи на бугарски клубови по Северна Македонија се членови на ВМРО-ДПМНЕ и на вашата сестринска партија ВМРО-БНД, со која заеднички именител ви е вашиот заеднички претседател Ванчо Михајлов. И во однос на НАТО, ако излезете овде да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ гласало Северна Македонија да биде членка на НАТО, јас ќе ви се извинам“, рече премиерот во една од репликите до опозициските пратеници
Собраниската 104. седница на Собранието на чиј дневен ред е реконструкција на Владата вечерва продолжи и по полноќ.

Претходно на седницата во најголем дел говореа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а една од главните теми на кои се осврнаа беа стандардот на граѓаните, инфлацијата, висината на платите, но и членството во НАТО, грижата за македонските малцинства и односите со Бугарија.
Ваквите обвинувања ѝ претходеа и на паузата пред 23 часот, што беше повод на собраниската говорница да реплицира и премиерот Димитар Ковачевски.
Маслото за јадење е поскапо за повеќе од 150 отсто, килограм брашно поскапо за 100 отсто, се прави рекет по населението. Плаќаме поскапа струја, повисоки се сметките. Каде се парите, тоа прашува народот, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска, на собраниската седница за разрешување на министрите од Алтернатива.
Таа истакна дека покачувањето на платите со кое се фали премиерот ги изеде инфлацијата, куповната моќ е помала од таа претходно, секојдневно има протести, а власта не прави ништо.
За тоа што е направено во мандатот на оваа Влада и што гледаат граѓаните, говорат многубројните економски показатели, реагираше со реплика премиерот.
„Просечната плата сега е над 34 000 денари а во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20 000 денари. Во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт, минималната плата беше 8.000 денари, сега е 18 000 денари. А од март ќе стане над 20 000 денари“,
рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
За еврообврзницата, Ковачевски рече дека е за рефинансирање на еврообврзницата која ВМРО-ДПМНЕ ја зеде за стиропор, палми и споменици во Скопје
„Ако сакате да видите што е направено со тие пари, дојдете во зградата на Владата да видите како стиропорот се распаѓа“,
рече Ковачевски.
На седницата се расправа за разрешување на министерот за дијаспора од редовите на Алтернатива, Џемаил Чупи. Инаку, пратениците сè уште се немаат изјаснето, односно немаат гласано за разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество, Беким Сали и Адмирим Алити, иако расправата за нив е завршена.

Пратеникот и координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, во едно од неговите процедурални обраќања го обвини премиерот дека лаже оти опозициската партија не го поддржала влегувањето на земјава во НАТО.
„Имаме стенограми, зборуваме за премиер на една држава, премиер од говорница се дрзнува да лаже. Лага е! Ќе ви извадам стенограми. Двотретинските закони за безбедноста ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа, затоа ве молам да се извините“,
рече Мицески.
По ова, повторно реплицираше премиерот, кој се осврна и на обвинувањата од опозицијата за односот на државата кон дијаспората. Ковачевски посочи дека Владата се грижи за секој припадник на дијаспората, без разлика каде живее, а дека единствено ВМРО-ДПМНЕ е таа која се обидува да ги наруши добрососедските односи.
„Добрососедските односи ги руши единствено ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние основачи, палачи, растурачи на бугарски клубови по Северна Македонија се членови на ВМРО-ДПМНЕ и на вашата сестринска партија ВМРО-БНД, на која заеднички именител ви е вашиот заеднички претседател Ванчо Михајлов. И во однос на НАТО, ако излезете овде да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ гласало Северна Македонија да биде членка на НАТО, јас ќе ви се извинам“,
одговори премиерот.
Околу полноќ, претседателот на Собранието даде уште една пауза од половина час по која пратениците продолжија со дебатата.
На оваа седница треба да бидат разрешени и заменик-министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука – Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.
На дневен ред на 104. седница се и назначувањата на новите министри – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.
На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство, Владимир Рендевски, и за правда, Агим Нухиу.