Лабораторијата на МАНУ утврдува дали медицинскиот тим од Клиниката за нефрологија е заболен од британскиот сој на коронавирусот, јави Телма.
Директорката на Клиниката, Ирена Бушлетиќ која исто така е позитивна на коронавирусот, во изјава за телевизијата вели дека ќе се прават испитувања бидејќи 29 здравствениte работници заболеле во многу кус временски период во кој не работеле во ковид- центарот туку во т.н. „зелена зона“ и не биле во иста смена.
„Практично во два дена толкава голема група на медицински персонал да стане позитивен на ковид-19 навистина беше еден голем аларм. Прво, ни самите не бевме свесни што се случи, имајќи предвид дека ништо не сме смениле во однесувањето, во заштитната опрема и остана да се консултираме и со колегите на МАНУ за тоа дали можеби станува збор еден од тие видови на коронавирусот кои имаат поголема стапка на ширење“,
вели Бушлетиќ.
Директорката вели дека на дел од вработените повторно им се земени брисеви, а во лабораторијата на МАНУ ќе се прави секвенционирање кое треба да потврди дали тие заболеле од британската мутација на вирусот.
Истовремено, по случаен избор, ќе се прави и секвенционирање на позитивните тестови кои кај нив се испраќаат од лабораториите низ целата држава.