Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски најави дека во текот на денот ќе има средби со засегнатите страни во однос на исклучувањето на емитувањето на телевизиските канали што го направија синоќа операторите.
Манчевски пред средбата изрази оптимизам дека е можно надминување на проблемот.
„Јас и вчера напишав на Фејсбук и издадовме соопштение од Министерството дека се работи за прекршување на членови од Законот за електронски комуникации. Без разлика денес ќе оствариме неколку средби со заинтересираните страни за да видиме што и да се случува да не биде на грбот на граѓаните како што тоа беше вчера“,
изјави Манчевски во Тетово.
Тој за евентуални постапки кон операторите што вчера го исклучија емитувањето на телевизиските канали како надлежна ја посочи Агенцијата за електронски комуникации.

Македонските оператори вчера од 18.10 до 19.10 часот ги остварија најавите и го прекинаа реемитувањето на сите ТВ-програми, освен на националниот сервис МРТВ.
Ова е во знак на протест поради, како што велат наметнатите неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Македонската медиумска асоцијација (ММА) реагираше дека е вчудовидена од потегот на кабелските оператори со кој, оценуваат, им е извршен упад во програмите на телевизиите и побараа да реагира обвинителството.
Ова не е првпат операторите да го покренат проблемот со Законот за аудио и аудиовизуелни услуги во кој сметаат дека има неуставни одредби за нив.
Ваква најава за прекин на емитување на програмите имаше и во февруари од истите причини. Тогаш Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте домашни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма ги обвини операторите дека сакале да промовираат пиратерија и дека доволно време да се подготват за имплементација на законот.
По средбата на премиерот Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски со претставници на сите оператори обединети во Здружението на информатичко-комуникациски технологии, постигна беше согласност да се одложи најавениот прекин на реемитување на домашните и странските телевизиски канали.
