Во разговор за „360 Степени“, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, зборуваше за конкурсот кој Владата го распиша на 31 јануари 2018-та година, за речиси 100 директорски и заменички позиции, и на кој во најголем дел само беа реизбрани вршителите на должност поставени претходно, со што се поставува прашањето дали конкурост бил само параван за потврдување на политичкиот избор.
– Се работи за избор на луѓе кои претежно и претходно ги извршуваа функциите како вршители на должност, така што не се работи за никакви изненадувања. Ова се луѓе за коишто и претходно сме кажале дека имиаме доверба, ги исполнуваат условите, и решивме дека е најдобро тие да продолжат да ја вршат функцијата – рече Манчевски.
Но, која е целта на конкурсот воопшто ако вие само сакате да ги изберете оние што биле веќе вршители на должност, а ја повикавте цела јавност што ги исполнува условите да се пријави?
– Видете, кај нас системот на поставување на раководни позиции во овој наш политички систем е таков. Овие луѓе се именувани од страна на Владата, и ги именува Владата. Нормално, процедурата вели да се распишува конкурс кадешто Владата ги поканува сите оние коишто се заинтересирани да аплицираат и доколку има одреден подобар кандидат од тој што ние претходно сме го имале како предлог, нормално е дека и тој може да добие предност. И не е нужно, ќе видите и самите, нема да се сите луѓе коишто се вршители на должност, да продолжат да ја вршат истата функција. Но, ајде да не се правиме наивни. За да се направи трансфер на власт, веројатно никој не е наивен да очекувал дека немаме некакви предлози наши на решенија, сме размислувале на темата – кој е најдобро решение за извршување на одредена функција. Ако ние сме чекале да дојде моментот да се распише оглас, па подоцна да разгледуваме кој е најдобриот кандидат, навистина немаше да бидеме воопшто спремни да ја преземеме власта, и немаше да можеме да ја преземеме власта. Да се потсетиме, дојдовме од состојба на „заробена држава“ кадешто се вршеше политички притисок врз вработените. Системот беше затворен и заробен, таа инсталација во тој систем се вршеше цели 11 години, и навистина е крајно време да ги ослободиме институциите од притисокот којшто го вршеа оние коишто претходно имаа власт – рече Манчевски.
Повеќе од видеото.