Малески се осврнува на говорите на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, кои денеска во МАНУ преку нивните обраќања ја коментираа политичката состојба денеска, наместо, како што пишува Малески, да се осврнат на она кое тие го сработеле во нивните мандати
Вака не зборуваат поранешни претседатели на држава во една демократија. Вака зборуваат претседатели кавгаџии кои не можат да се соочат со недостатоците од сопственото владеење во кои постоеле сите елементи за кои се критикува сегашната власт, пишува професорот Денко Малески во неговата колумна за „Плусинфо“.
Малески се осврнува на говорите на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, кои денеска во МАНУ преку нивните обраќања ја коментираа политичката состојба денеска, наместо, како што пишува Малески, да се осврнат на она кое тие го сработеле во нивните мандати.
„Политичката историја на демократските држави, како онаа на Америка, на пример, покажува како треба да се однесуваат поранешни претседатели. Со исклучок на Доналд Трамп, кој, сакам да верувам, само го потврдува правилото, поранешни претседатели на САД се пример за пристојност и умереност кога настапуваат во јавност. Слободни да го кажат своето мислење за што ќе посакаат, поранешните претседатели сепак главно зборуваат за своето претседателствување. Избегнуваат, освен во изнимни случаи, да се изјаснуваат за актуелни политички настани за кои е задолжен актуелниот претседател, а не тие. Едноставно, сметаат дека не е фер ниту е пристојно, кога друг ја носи одговорностa за управување со државата, тие да се прават паметни и да судат што е добро, а што лошо“,
пишува Малески.
Тој вели дека наместо да кажат со какви задачи се соочувале како претседатели, што направиле за остварување на стратешките цели поставени во 1991, членство во НАТО и во ЕУ и кои се научените лекции, тие распалија по актуелната власт.
„Ваква немилосрдна канонада против владата на Зоран Заев, но, индиректно, и на претседателот на државата Стево Пендаровски е на рамниште на онаа што секојдневно доаѓа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ“,
додава Малески.
За говорот на Иванов, кој во низата критики рече дека има чувство дека живее во земја на клептократијата, во која владеат најлошите, Малески вели дека и да е сето тоа точно, истото ја карактеризираше и неговата власт.
„Иванов ја нарече земјата заробеник на ‘провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита’. Дека ‘сме опседнати со бесмислени политички кавги без суштина и примитивизам каков не е виден кај нас…кој постојано поттикнува меѓусебни расправии, конфликти, нетрпеливост…’ Дека ‘секојдневно сме сведоци на скандали, афери, криминални и коруптивни случаи кои досегаат до највисоките нивоа на власта’. Дека ‘политичката елита разви клиентелистичка мрежа која на некои поединци им овозможи екстремно богатење, осигурувајќи притоа политички надзор над новосоздадената економска елита’. На крајот заклучи дека има чувство дека живее во земја на клептократијата, во која владеат најлошите. Еве да се согласиме дека сето ова е точно. Ама истото ја крактеризираше и ‘неговата’ власт. Што е тоа? Нашиот фаличен демократски систем која произлегува од отсутвото на демократска состојба на умот“,
пишува Малески.
За поранешниот претседател Црвенковски, вели дека бил брутално јасен набројувајќи како гледа на сегашното владеење на Заев и, индиректно, на претседателствувањето на Стево Пендаровски на кого му понуди сојуз во борбата против злото.
„’Македонија е корумпирана држава’, вели тој. ‘Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава’, ќе продолжи да набројува. ‘Македонија е држава која живее на кредит и…умира на рати’. Пострашни и понесамокритични зборови не може да смисли ни најлутиот непријател. Патем кажано, што се однесува до внатрешната поделеност, во негово време избија првите симптоми на меѓуетничката конфронтација која заврши со војната од 2001“,
пишува Малески.
Тој додава дека вака не зборуваат поранешни претседатели на држава во една демократија, туку вака зборуваат, вели, претседатели кавгаџии кои не можат да се соочат со недостатоците од сопственото владеење во кои постоеле сите елементи за кои се критикува сегашната власт.
„Каков е тогаш тој апел за домашен консензус околу некаква национална платформа од некој кој на власта најотворено и објавува војна? Стево Пендаровски, кој се најде во улога на претседател на една тотално пропадната држава, можеше барем да им укаже на своите претходници како треба да се однесуваат поранешни претседатели“,
пишува Малески.