Јас сум човек со патриотски чувства, се состанав заедно со свои истомисленици, сметам дека Македонија е загрозена како никогаш досега во однос на својот идентитет, а ако не постои идентитетот и јазикот, не постои ни државноста – вели иницијаторот за формирање на новата партија Движење ЗНАМ – за наша Македонија
Движењето ЗНАМ – за наша Македонија идеолошки ќе се позиционира во центар кон лево, иако за одредени национални прашања, идејниот творец на новата партија Максим Димитриевски признава дека има десничарски ставови. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, актуелниот градоначалник на Куманово вели дека не бега од терминот „пoлитичка партија“, иако ЗНАМ во името ќе го задржи поимот „движење“ бидејќи потекнува од граѓанска иницијатива.
„Јас сум човек со патриотски чувства, се состанав заедно со свои истомисленици, сметам дека Македонија е загрозена како никогаш досега во однос на својот идентитет, а ако не постои идентитетот и јазикот, не постои ни државноста. Ние сме една од ретките држави на која се обидоа да ` импутираат мултиетничка држава како уредување, а не мултиетничко општество“,
вели Димитриевски.
Димитриевски за себе вели дека сè уште идеолошки се дефинира како социјалдемократ.
„Апсолутно – да, во однос на социјалните, економските и сите останати политики, јас сум социјалдемократ, но не либерален социјалдемократ, туку социјалдемократ кој дава еднакви права и можности, но првенствено доколку сакате да користите социјална или друга помош од државата, која е должна да ви обезбеди, ќе мора и да го заслужите тоа”,
додава тој.