„Притисоците не престануваат, туку, како и што очекував, се интензивираат. Ваквите постапки не ме обесхрабруваат, туку дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем. Ќе има и правда, а ќе има и мир, а непристрасните професионалци ќе добијат шанса да изградат и правен и функционален државен систем“, вели Димитриевски
Од Јавното обвинителство на РСМ велат дека не станува збор за обвинение, туку за истрага за поднесена кривична пријава од физичко лице за неизвршување судска одлука, а Димитриевски е повикан на распит

Актуелниот градоначалник на Куманово и претседателски кандидат на движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, денеска на Фејсбук објави дека од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово добил покана да се јави во просториите на Обвинителството во својство на, како што пишува во документот, обвинет за кривично дело неизвршување судска одлука.
„Се повикува Максим Димитриевски од Куманово, да се јави во просториите на Основното јавно обвинителство Куманово, во својство на обвинет за кривично дело – неизвршување на судска одлука од член 377 ст. 4 в.в. со ст. 2 од КЗ, во кривичниот предмет КО.бр. 175/24, на ден 15.04.2024 година во 10 часот во просториите на ОЈО Куманово“,
се вели во поканата од ОЈО Куманово што ја добил Димитриевски.
Во поканата од Обвинителството се наведува дека согласно член 145 став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП), обвинетиот се предупредува дека во случај на недоаѓање, може да биде приведен. Дополнително се додава дека согласно ЗКП, обвинетиот има право да земе бранител кој може да биде присутен за време на распитот.
Во фејсбук-објавата во која информира за добиената покана од Обвинителството, Димитриевски вели оти очекувал интензивирање на притисоците но додава дека ваквите постапки нема да го обесхрабрат.
„Притисоците не престануваат туку како и што очекував се интензивираат. Ваквите постапки не ме обесхрабруваат туку дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем. Ќе има и правда, а ќе има и мир, а непристрасните професионалци ќе добијат шанса да изградат и правен и функционален државен систем“,
пишува Димитриевски.
Од Јавното обвинителство на РСМ за МИА велат дека не станува збор за обвинение, туку за повик за распит во рамки на истрага за поднесена кривична пријава од страна на физичко лице за неизвршување судска одлука.
Претходната недела во Основниот суд Куманово се одржа прво рочиште против Димитриевски за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од две кумановски градежни фирми.
Обвинението што против кумановскиот градоначалник го поднел обвинителот на ОЈО Куманово, Иса Сулјемани, се заснова на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки Детален урбанистички план. Со тоа, како што велат тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55 000 евра.
Од друга страна, пак, градоначалникот и кандидат за претседател на државата вели дека власта преку некакви неосновани кривични пријави за наводна злоупотреба на службена положба и овластување се обидува да го дискредитира и девалвира во очите на јавноста пред претстојните претседателски избори.