На платформата Икс, Макрон напиша дека завршувањето на војната во Украина е цел што ја дели со американскиот претседател Доналд Трамп и дека Киев сака да соработува со Европа и САД

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, по денешната средба со украинскиот колега Володимир Зеленски во Рим, објави оти Украина е подготвена за безусловен прекин на огнот.
На платформата Икс, Макрон напиша дека завршувањето на војната во Украина е цел што ја дели со американскиот претседател Доналд Трамп и дека Киев сака да соработува со Европа и САД за да постигне примирје.

„Многу позитивна размена на информации денеска имавме со претседателот Зеленски во Рим. Крај на војната во Украина – ова е целта што ја споделувам со претседателот Трамп. Украина е подготвена на безусловно примирје. Претседателот Зеленски ми го потврди тоа. Тој сака да работи со Американците и Европејците да се случи тоа. Сега е до претседателот Путин да докаже дека навистина сака мир. Ќе продолжиме со нашата работа во рамките на ‘коалицијата на добронамерните’ започната во Париз минатиот март, со цел да се постигнат прекин на огнот и целосен и траен мир во Украина“,
напиша Макрон.
Претходно денеска претседателите на САД и Украина беа фотографирани за време на 15-минутна средба, седнати на столчиња во изолиран дел од базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, каде што дојдоа да му оддадат последна почит на папата Франциск.