Со вечерашната победа, македонските ракометари го завршија својот настап на Европското првенство, но го обезбедија третото место во групата кое има важност за да добијат полесен противник во баражот за Светското првенство во ракомет кое се одржува идната година
Македонската ракометна репрезентација вечерва ја победи селекцијата на Швајцарија со резултат од 29:27 во рамки на третото коло на Европското првенство (ЕП) 2024 што се одржува во Берлин, Германија.

Со вечерашната победа, македонските ракометари го завршија својот настап на Европското првенство, но го обезбедија третото место во групата кое има важност за да добијат полесен противник во баражот за Светското првенство во ракомет кое се одржува идната година.
Крајот на првото полувреме македонската селекција го заврши со предност од 13:9.
Во второто полувреме Швајцарците најпрво го намалија резултатот од 17:12 на 17:15 во 38. минута, изедначија 23:23 во 51. минута, имаа и водство во последните пет минути, за во неизвесна завршница македонската репрезентација да го освои мечот со два гола предност.
Најефикасни во победничкиот состав беа Марко Митев и Никола Костески со по пет дадени гола и голманот Мартин Томовски со 12 одбрани.
Селекторот Кире Лазаров не го криеше задоволство по победата над Швајцарија и го пофали целиот тим кој успеа да ја прекине серијата без победа на еврошампионатите која траеше четири години.
„Честитки до сите. Одигравме екстра квалитетен натпревар, со голема борбеност, мотивираност, многу жар. Ја посакувавме повеќе победата. Многу сум задоволен и среќен од презентираното. Ги сведовме на минимум техничките грешки за разлика од претходните два натпревара кога грешевме можеби од преголем респект. Благодарам на сите кои ни дадоа поддршка. Искрено ми е драго за момците и за цела Македонија“,
истакна селекторот на македонската ракометна репрезентација.
Пред победничкиот натпревар со Швајцарија, македонските ракометари беа поразени од селекциите на Франција и Германија.