Министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, го осуди убиството на полицискиот службеник на северот на Косово и побара темелна истрага и гонење на сите одговорни за овој чин на насилство. Тој порача дека стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат нарушени од акти на насилство и истакна дека безбедноста на граѓаните е најважна.
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција соопшти дека терористичките напади на организирани банди на северот на Косово продолжуваат и во прилог покажа неколку фотографии од вооружените групи. Дополнително, кажа дека нема сомнеж дека главен виновник e Србија која ги поддржува нападите
„Законот ќе се спроведи бидејќи мора да се одбрани и да се зачува независноста на Косово. Напаѓачите ќе бидат фатени, ќе им биде судено и ќе бидат казнети“,
рече Курти.
Припадници на КФОР и ЕУЛЕКС излегоа на терен откако рано изутрината еден припадник на полицијата на Косово беше убиен, а други двајца се здобија со повреди, но се надвор од животна опасност. Поради сериозноста на ситуацијата, блокирани се сите приоди кон селото Бањска и привремено се затворени граничните премини што водат кон соседна Србија.
Косовската полиција претходно објави првични информации за синоќешното убиство на наредник од косовската полиција на северот на земјата. Според кажаното, полициската патрола, во која биле три полицајци од Звечан, дошла до селото Бањско бидејќи добила пријава дека таму се поставени два камиона кои го блокираат мостот на влезот од селото. Во моментот кога полициското возило пристигнало на влезот на селото, кон полицајците бил отворен оган. Локалните мештани кажуваат дека константно се слушале пукања и детонации, а ситуацијата се смирила утринава во 7 часот.
Осуда за настанот пристигна од американскиот амбасадор на Косово, Џеф Ховениер, кој кажа дека овие сторители на оркестрирани и насилни напади врз косовската полиција мора да бидат изнесени пред лицето на правдата.
„Косовската полиција има целосна и легитимна одговорност за спроведување на владеењето на правото на Косово. Сторителите мораат да бидат и ќе бидат повикани на одговорност и изведени пред лицето на правдата“,
напиша Ховениер.
Во меѓувреме, Рашко-призренската епархија преку соопштение изјави дека група вооружени и маскирани лица со блиндирано возило влегле во манастирот во селото Бањска, каде што утринава беше убиен припадник на косовската полиција, пренесуваат РТС и Н1.
Непознатите лица го скршиле катанецот од заклучената капија, а во самата внатрешност на манастирот се наоѓаат верници од Нови Сад, како и свештеникот, игуменот Данило и браќата во манастирот, се вели во соопштението на Рашко-призренската епархија.
„Поради безбедност, браќата од манастирот и верниците се заклучија во конаците, а заклучен е и храмот на манастирот. Вооружените лица се движат во дворот на манастирот и повремено се слуша пукање“,
се вели во соопштението.