Со златен медал се закити натпреварувачот од Етиопија, Тамират Тола, кој постави нов олимписки рекорд
Првиот македонски маратонец во историјата на олимписките игри, Дарио Ивановски, на денешната 42- километарска маратонска трка во Париз ја мина целта со време од два часа, дваесет и осум минути и петнаесет секунди, резултат доволен за да се пласира на 69. место. Со тоа, Ивановски стана првиот македонски олимпиец што успеал да заврши маратонска трка.
Првото место беше резервирано за атлетичарот од Етиопија, Тамират Тола, кој го освои златниот медал со нов олимписки рекорд од 2:06:26 часа, пред Белгиецот Башир Абди кој заостана 21 секунда и Кениецот Бенсон Кипруто кој заостана 34 секунди.
Маратонецот Дарио Ивановски беше последен претставник на Македонија што настапи на Олимписките игри во Париз. Пред него настапот го завршија Милјана Рељиќ во теаквондо, борачот Владимир Егоров, џудистот Еди Шерифовски, стрелачката Анастасија Мојсовска и пливачот Никола Ѓуретановиќ.
На Олимписките игри во Париз годинава македонските претставници не успеаја да се закитат со медал, за разлика од минатите игри во Токио каде што таеквондистот Дејан Георгиевски го освои сребрениот медал во таеквондо (категорија над 80 килограми).