Амбасадорот на Ел Салвадор, Магана, го добил медалот за најдобар играч, додека амбасадорот на Северна Македонија го добил медалот за најдобар голгетер, пренесува „Пенинсула“
Мундијалската еуфорија во Катар не ги одмина ниту дипломатските претставништва во земјата, па неодамна кај домаќинот на Светското фудбалско првенство кое е во тек се одржал амбасадорски турнир во вокинг фудбал, на кој македонскиот амбасадор добил медал за најдобар голгетер, јавуваат тамошните медиуми.
Настанот, како што пишува локалниот медиум „Пенинсула“, бил организиран од Меѓународната федерација за вокинг фудбал на Азија и Катар.
Инаку, вокинг фудбал е варијанта на овој спорт за лица над 50-годишна возраст кои рекреативно се занимаваат со фудбал. Тие од безбедносни причини наместо да трчаат на теренот се движат со брзо одење, од каде што е и името на оваа варијанта на најпопуларниот спорт на планетата.
Амбасадорскиот вокинг фудбал турнир во Катар, како што пренесуваат медиумите, се одиграл со „голем ентузијазам“, а амбасадорите „играле со висок дух“.
Меѓу учесниците на настанот биле амбасадорот на Ел Салвадор во Катар, Милтон Алсидес Магана, амбасадорот на Казахстан, Арман Исагалијев, нигерискиот амбасадор Јакуба Абдулахи Ахмед, амбасадорот на С Македонија, Шабан Јашари, како и амбасадорите на Брунеи, Киргистан, Алжир, Хаити и Либија.
Амбасадорот на Ел Салвадор, Магана, го добил медалот за најдобар играч, додека амбасадорот на Северна Македонија го добил медалот за најдобар голгетер, пренесува „Пенинсула“.
Вокинг фудбалот, како што може да се прочита на интернет, добива на сè поголема популарност.
Творец на играта е Џон Крут од фудбалскиот клуб Честерфилд во 2011 година. Оттогаш ширум Велика Британија се формирани илјадници клубови во кои партиципираат играчи кои се во својата шеста, седма и осма деценија од животот. Играта станува сè попопуларна и кај жените и сè повеќе припаднички на понежниот пол на возраст над четириесет години ја играат оваа игра.