Повеќе медиуми во земјава, меѓу кои и „360 степени“, претпладнево објавија дека Македонскиот центар за литература е нова асоцијација на македонски писатели, како последица на превирањата во Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ). Информацијата стигна во форма на официјално соопштение по електронска пошта кое изгледаше уверливо поради фактот што навистина постои организација Македонски центар за литература, во која има и членови писатели
Во својата реакција, Македонскиот центар за литература демантираше дека организацијата е пандан на ДПМ и дека станува збор за здружение на граѓани, а не асоцијација. Во продолжение е првичниот, оригинално објавен текст кој се покажа како лажен и злонамерен, како и врска до реакцијата на Македонскиот центар за литература
Македонски центар за литература е името на новата Асоцијација на македонски писатели основана од поголема група издавачи и писатели, информираа денеска преку писмено соопштение од Асоцијацијата.
Основачи на писателската асоцијација се издавачите Ненад Стевовиќ и Светлана Кочовска-Стевовиќ, како и преведувачите и автори Владимир Јанковски, Иван Шопов и Николина Андова-Шопова. Претседател на асоцијацијата е Владимир Јанковски.

Дел од асоцијацијата се видни македонски писатели, а нејзината дејност, како што информираат оттаму, е врз база на слободно пристапување и зачленување.
Одлуката за формирање на Македонскиот центар за литература, како што информираат од Асоцијацијата, е донесена откако се случија неколку турбуленции во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
Имено, во октомври минатата година осум од девет челена во ДПМ си поднесоа оставка. По неколку дена, претседателот на ДПМ, Христо Петревски, преку фејсбук-статус најави дека поднесува оставка поради, како што и самиот напомена, притисоци и уцени од одредени членови на Друштвото.
Неколку дена подоцна, тој информира дека на барање на голем број од членовите на ДПМ решил да се откаже од идејата да поднесе оставка за, како што вели, Друштвото да може да опстане и да продолжи со своите активности. И покрај ваквата најава, Петревски неколку дена подоцна информира дека и официјално поднесува оставка од функцијата претседател на ДПМ.
Изборот на нов претседател на Друштвото на писатели требаше да се најде на дневен ред на вонредното собрание на ДПМ во два наврати, но тоа не се случи поради немање на кворум. Христо Петревски е сè уште формален претседател на ДПМ, а изборот на нов е закажан на редовното собрание на Друштвото закажано за 1 јуни.