Од МНР упатуваат апел до сите македонски државјани да ги избегнуваат загрозените подрачја од невремето во Грција и да останат на сигурно сè до евентуална евакуација
Еден македонски државјанин се наоѓа во Волос, Грција, и тој е на безбедно во локален хотел, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР) откако деновиве повеќе туристички места во Грција се поплавени од големо невреме.
Од МНР упатуваат апел до сите македонски државјани да ги избегнуваат загрозените подрачја од невремето во Грција и да останат на сигурно сè до евентуална евакуација.
„Информираме дека дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Грција се во постојана комуникација со надлежните институции, со цел давање асистенција на нашите граѓани кои се наоѓаат во загрозените подрачја“,
велат од МНР и изразуваат сочувство до семејствата на жртвите од големото невреме што ја зафати Грција.
Од Министерството велат дека на располагање се СОС-телефонот на МНР: 075/ 273- 732; и дежурните телефони на Амбасадата во Атина: +306944743071; и на Генералниот конзулат во Солун: + 30 6987200410.